Првата титула на Новак Ѓоковиќ беше освоена на 23 јули 2006 година во холандскиот Амерсфорт, каде тогаш 19-годишниот тенисер го совлада Чилеанецот Николас Масу со 7:6 и 6:4. Две децении подоцна, тој трофеј изгледа како првата страница од кариерата што ќе ги помести речиси сите граници во машкиот тенис.
Ѓоковиќ пристигна во Амерсфорт како 36. тенисер на светот и без освоена титула на АТП-турнејата. На земјените терени во Холандија не загуби ниту еден сет, а во финалето го чекаше Масу, актуелен олимписки шампион и четврти носител на турнирот.
Патот до финалето го започна со убедлива победа над Борис Пашански од 6:0 и 6:3. Потоа ги елиминираше Томаш Зиб и Марк Жикел, додека Гиљермо Корија му го предаде полуфиналниот меч при водство на Ѓоковиќ од 6:1 и 1:0.
Во финалето, младиот Ѓоковиќ го доби тесниот прв сет во тајбрејк, а во вториот направи ран брејк и ја задржа предноста до крајот. Победата ја обезбеди на втората меч-топка, откако Масу испрати форхенд во аут.
Трофејот од Амерсфорт беше прв од сегашните 101 трофеј на Ѓоковиќ на АТП-турнејата. Во кариерата освои 24 гренслем-титули, 40 мастерс-трофеи и седум пехари на завршниот АТП-турнир, со што изгради една од најуспешните кариери во историјата на спортот.
Само три месеци по триумфот во Холандија, Ѓоковиќ ја освои и втората титула во Мец. Следните години донесоа подем до првото место на светската листа, рекордни серии и најголемите трофеи, но првиот чекор беше направен на мал турнир во Амерсфорт, пред публика која тогаш не можеше да претпостави што следува.
Покрај трофејот, Ѓоковиќ како награда добил и „ајпод“ со капацитет од 30 гигабајти – детаљ што денес дополнително ја нагласува временската дистанца меѓу неговата прва победа и рекордите што ги постави потоа
