Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот претходник Бујар Османи влегоа во јавен конфликт околу статусот на билатералните протоколи со Бугарија и нивната поврзаност со Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија.
Османи повторно го објави видеото во кое пред табла ја објаснува структурата на Преговарачката рамка, откако Муцунски изјави дека протоколите, односно записниците од состаноците со Бугарија, не се нејзин формален дел.
„Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката“, напиша Османи, претставувајќи ја изјавата на Муцунски како потврда на неговиот долгогодишен став.
Муцунски му возврати дека Османи е последниот што има право да држи лекции за државните интереси. Тој го обвини поранешниот министер дека ги извртува фактите и дека добро знае што преговарал, што прифатил и во каква позиција ја оставил Македонија.
Суштински, двајцата не се разликуваат околу тесното правно прашање – Вториот протокол не е составен или анекс на Преговарачката рамка. Муцунски дополнително тврди дека рамката не содржи експлицитна или имплицитна одредба за моментот на стапување во сила на уставните измени и дека токму тука се разликува од содржината на Вториот протокол.
Сепак, официјалниот текст на Преговарачката рамка бара Македонија да постигнува видливи резултати и добросовесно да го спроведува Договорот со Бугарија, вклучително и годишните прегледи и мерките за негово спроведување според член 12. Токму протоколите се усвојуваат во рамките на таа меѓувладина комисија.
Во Вториот протокол експлицитно е запишано дека следната меѓувладина конференција со ЕУ, со која треба да заврши почетната фаза од преговорите, ќе се одржи откако уставните измени ќе стапат во сила и Бугарите ќе бидат внесени во Уставот.
Оттаму, спорот меѓу Муцунски и Османи не е само дали протоколот формално се наоѓа во текстот на рамката. Конфликтот е околу политичката одговорност за прифатените обврски и околу тоа колкаво влијание билатералните документи можат да имаат врз текот на преговорите со ЕУ.
