Небото над Македонија наскоро ќе гори

Небото над Македонија во следните три недели ќе биде сцена на неколку метеорски дождови, а главниот спектакл ќе пристигне во средината на август, кога својот максимум ќе го достигнат Персеидите.

Првата можност за набљудување доаѓа во ноќите околу 30 и 31 јули, кога се очекува најголемата активност на Јужните Делта Аквариди и Алфа Каприкорнидите. Според календарот на Меѓународната метеорска организација, Делта Акваридите можат да произведат номинално до 25 метеори на час, додека Алфа Каприкорнидите се значително послаби, со околу пет.

Условите на крајот од јули, сепак, нема да бидат идеални. Полната Месечина настапува на 29 јули и нејзината силна светлина ќе прикрие голем дел од послабите метеори. Поголеми шанси ќе имаат набљудувачите што ќе најдат темна локација подалеку од градското осветлување.

Вистинскиот небесен спектакл се очекува во ноќта меѓу 12 и 13 август, кога максимум ќе достигнат Персеидите. Најсилната активност е прогнозирана меѓу 4 и 6 часот наутро по македонско време на 13 август, иако зголемен број метеори може да се забележува во текот на целата ноќ.

Меѓународната метеорска организација наведува номинален максимум до 100 метеори на час во совршено темни услови, но реалниот број обично е помал поради светлосното загадување, положбата на радијантот и состојбата на атмосферата. Моделите за 2026 година укажуваат и дека основната активност може да биде пониска од вообичаено, но се можни дополнителни краткотрајни засилувања при минувањето на Земјата низ постари траги од кометата.

Оваа година условите за Персеидите ќе бидат исклучително поволни бидејќи младата Месечина настапува на 12 август во 19:36 часот. Во текот на главната ноќ нема да има силна месечева светлина што би ги прикривала метеорите.

Персеидите настануваат кога Земјата минува низ честички што зад себе ги остава кометата 109P/Свифт-Татл. Честичките навлегуваат во атмосферата со брзина од околу 59 километри во секунда, согоруваат високо над Земјата и создаваат светли траги што популарно се нарекуваат „ѕвезди што паѓаат“.

За набљудување не е потребен телескоп. Најдобри услови ќе има на отворени и темни локации надвор од градовите, со широк поглед кон небото. Персеидите може да се забележуваат уште од 22 или 23 часот, но најголемиот број обично се појавува по полноќ и пред разденување.

Најчитано