Само неколку дена откако на Пелистер падна снег и температурите во делови од Македонија се спуштија невообичаено ниско за јули, следува нагло затоплување со максимални температури до 38 степени.
Во понеделник, 27 јули, времето ќе остане променливо облачно и нестабилно. Наместа се очекуваат пороен дожд и грмежи, а локално и краткотрајно невреме со ветер посилен од 60 километри на час, електрични празнења и изолирана појава на град. Дневните температури ќе се движат до 35 степени.
Нестабилност се очекува и во Скопската Котлина, каде ќе има врнежи од дожд и услови за локално невреме со грмежи, силен ветер и град. Пообилни врнежи се најавени во западните делови, каде локално може да наврнат повеќе од 30 литри дожд на квадратен метар.
Од вторник, 28 јули, следува стабилизација и значителен пораст на температурите. Времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност, а максималните температури ќе се движат од 29 до 38 степени. Слично време се очекува и во среда.
Најтопло ќе биде во Повардарието и во јужните делови од земјата. Локалните прогнози покажуваат температури од 37 до 38 степени во Скопје и Кавадарци во втората половина од неделата.
Наглото затоплување доаѓа по силното заладување од 24 јули, кога на врвот Пелистер дождот преминал во снег. Во Битола температурата во исто време од денот за 24 часа се намалила од 26 на 12 степени.
