„Рајанер“ му понудил нов лет по хоророт во воздух

Љубиша Каровиќ од Србија, кој бил делумно извлечен низ скршен прозорец на авион, тврди дека од „Рајанер“ добил само понуда за нов лет и кратка порака испратена на електронската адреса на неговиот син.

Инцидентот се случил на 10 јули на летот FR1879 од Солун кон Меминген. По дефект на десниот мотор, дел од авионот го оштетил прозорецот до седиштето на Каровиќ, по што дошло до нагло губење на притисокот во кабината.

Каровиќ раскажал дека спиел кога прозорецот се скршил и дека веднаш изгубил свест. Неговата сопруга и други патници го задржале и го повлекле назад во авионот. Тој се здобил со изгореници од триење, модринки и други повреди, а по инцидентот има проблеми со спиењето и носи ортопедска крагна.

Неговата сопруга тврди дека патниците биле тие што му помогнале, додека членовите на кабинскиот екипаж не интервенирале во моментот на најголемата опасност. „Рајанер“, пак, соопшти дека екипажот ги следел безбедносните процедури, му обезбедил медицинска помош и успешно го вратил авионот во Солун.

Семејството ангажирало адвокат и најавува барање за значителна отштета. Каровиќ тврди дека две недели по несреќата никој од компанијата не го контактирал директно, додека авиокомпанијата вели дека нејзиниот тим бил во постојана комуникација со семејството.

Истрагата ја води американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот. НТСБ го опиша настанот како неконтролиран дефект на моторот проследен со декомпресија на кабината и предупреди дека причината сè уште не е утврдена.

Најчитано