Руму – тиркизното езеро под кое остана советски затвор

На околу 30 километри југозападно од Талин, во естонското место Руму, тиркизната вода денес привлекува капачи, нуркачи и туристи. Под површината, меѓу потонатите згради, гаражи и индустриски машини, останале делови од каменоломот и затворскиот комплекс во кој затворениците со децении биле користени како работна сила.

Езерото не е природно. На неговото место се наоѓал каменолом за варовник, отворен во доцните 1930-ти години покрај затворот Муру. Затворениците го ископувале и обработувале каменот, додека водата постојано била испумпувана за да може да продолжи работата во длабокиот ископ.

Затворот Муру бил отворен во 1937 година како казнена колонија од логорски тип за полнолетни машки осуденици. Во извештај на Комитетот на Советот на Европа за спречување тортура се наведува дека објектот имал капацитет за 1.460 лица, а при посетата во 2007 година во него биле сместени 1.336 затвореници.

Иако местото често се претставува како „потонат советски логор“, попрецизно е да се зборува за поранешен затвор и казнена колонија со каменолом во кој се користел затворски труд. Комплексот продолжил да работи и по обновувањето на независноста на Естонија, а затворот бил затворен во 2012 година.

По прекинот на ископувањето престанало и постојаното испумпување на подземните води. Каменоломот брзо почнал да се полни, а водата постепено ги покрила дел од ѕидовите, работните објекти, гаражите, опремата и машините што останале на дното. Така поранешниот индустриски и затворски простор се претворил во вештачко езеро со препознатлива зелено-сина боја.

Дел од затворскиот комплекс останал над водата и денес функционира како музеј. Посетителите можат да влезат во поранешните ќелии, казнените простории, работилниците и помошните објекти, со аудиоводич или со поранешен затворски службеник кој раскажува за секојдневието во затворот во текот на 1990-тите години.

Под водата, пак, се наоѓаат остатоци од објекти што му припаѓале на затворот или на каменоломот. Видливоста во езерото е висока, поради што Руму станал позната нуркачка локација. Нуркањето се организира со инструктори и целосна опрема, а на дното може да се видат згради, гаражи, рударски машини и други делови од поранешниот производствен комплекс.

Во летниот период крајбрежјето се претвора во капалиште, додека посетителите користат кајаци, кануа и даски за веслање. Официјалната туристичка понуда вклучува и пешачки патеки, тури низ каменоломот и посета на затворскиот музеј.

Контрастот меѓу чистата тиркизна вода и историјата на затворски труд е причината поради која Руму стана една од најпознатите необични туристички локации во Естонија. Местото денес истовремено функционира како простор за рекреација, нуркачка дестинација и музеј на поновата естонска историја.

Најчитано