Двајца уапсени за организирање борби со кучиња кај Гостивар

Двајца жители на гостиварските села Топлица и Чегране се лишени од слобода поради сомнение дека организирале борби со кучиња, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Полициски службеници од Полициското одделение Галате на 28 јули, околу 23:45 часот, на влезот во селото Топлица затекнале група граѓани и повеќе кучиња со видливи повреди и крвавења од борба. Според полициските информации, присутните претходно се договориле да ги организираат борбите меѓу животните.

По преземените мерки, на 29 јули во 1:30 часот биле уапсени Г.Ј. (44) од Топлица и А.А. (46) од Чегране. МВР ги сомничи дека сториле кривично дело „мачење животни“.

На местото бил извршен увид, а едно повредено куче било пронајдено во патничко возило „фиат“. Во полициското соопштение не се наведува колку кучиња биле користени во борбите, каква е состојбата на повреденото животно и дали му била обезбедена ветеринарна помош.

Двајцата осомничени биле задржани во полициска станица. Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Ова не е прв полициски случај поврзан со организирани борби со кучиња годинава. Во март шест лица од Кумановско, Тетовско и Гостиварско беа уапсени поради организирање борба со кучиња на подрачјето на Куманово.

Најчитано