Фондот за здравствено осигурување се соочува со ненаплатени придонеси од околу 172 милиони евра, недоволни контроли врз болниците, софтвер што е платен, но не се користи, и застарени цени според кои се финансираат здравствените услуги. Новиот извештај на Државниот завод за ревизија покажува дека дел од слабостите утврдени и во претходните ревизии останале нерешени, иако директно влијаат врз ликвидноста на Фондот и финансирањето на здравствените установи.
ДЗР изразил мислење со резерва и за вистинитото и објективно прикажување на финансиските извештаи на ФЗО за 2024 година и за усогласеноста на работењето со законската регулатива. Ревизорите наведуваат дека биле преземени активности за дел од претходно дадените препораки, но дека и натаму се потребни суштински системски подобрувања.
Најголемиот финансиски проблем е ненавремената уплата на придонесите што други државни институции треба да му ги префрлат на Фондот. Заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнал 8,4 милијарди денари, односно приближно 137 милиони евра. ДЗР утврдил дека постојано се зголемува разликата меѓу планираните средства и нивната реална уплата.
Дополнително, Министерството за здравство на крајот на 2024 година не уплатило околу 2,1 милијарди денари, или приближно 35 милиони евра, за здравственото осигурување на лицата што не се осигурени по друга основа. Ненаплатените средства ја намалуваат ликвидноста на ФЗО и го отежнуваат навременото сервисирање на обврските кон јавните здравствени установи.
Ревизијата открила слабости и во контролата на услугите што болниците му ги фактурираат на Фондот. Во текот на 2024 година биле извршени само 44 контроли во установите што обезбедуваат болничка здравствена заштита, а кај речиси половина од контролираните установи биле утврдени неправилности. Најголемиот дел од контролите биле извршени во јавните болници, додека контролите во приватните болници биле недоволни, иако нивните исплати зависат од обемот на прикажаните услуги.
ДЗР предупредува дека Фондот нема доволно лекари-контролори, контролите не се планираат врз основа на анализа на ризик, а координацијата меѓу организациските единици е недоволна. Поради тоа, ФЗО не може целосно да потврди дали сите фактурирани здравствени услуги навистина биле извршени во прикажаниот обем.
Информацискиот систем на Фондот и натаму не е целосно поврзан со „Мој Термин“, а нема целосна информатичка поддршка ниту за следење, пресметување и исплата на надоместоците на избраните лекари. Доцни и воспоставувањето на електронскиот рецепт, додека постојните контроли при издавањето и фактурирањето рецепти не обезбедуваат доволно ниво на сигурност.
Ревизорите констатирале и проблеми во набавките за информатичка технологија. Кај 17 од 20 анализирани постапки била доставена само една понуда. Според ДЗР, дел од поставените услови и технички барања не биле целосно сразмерни со предметот на набавката, со што била ограничена конкуренцијата.
Фондот набавил и софтверски модул за прием и контрола на фактурите поврзани со странското осигурување, кој бил испорачан и формално прифатен, но никогаш не бил ставен во употреба бидејќи не одговарал на реалните потреби. Поради нефункционалниот модул, финансиската документација со странските фондови и натаму се обработува рачно, со поголем ризик од грешки, пропусти и доцнења.
Слабости се утврдени и во постапките за лекување во странство. Не се почитувале целосно законските рокови за одлучување, немало доволно следење на текот и успешноста на лекувањето, а контролата на авансно исплатените средства кон странските болници останала недоволна.
Околу половина од вкупниот износ на незатворените аванси се однесува на исплати направени во периодот од 2014 до 2023 година. За овие средства сè уште не биле добиени конечни фактури или не бил извршен поврат на неискористените пари, поради што износот на отворените аванси продолжил да се зголемува.
Како еден од клучните проблеми ДЗР го посочува и моделот според кој се финансираат јавните здравствени установи. Фондот, наместо да плаќа исклучиво според реално извршените здравствени услуги, има законска обврска да обезбедува средства за целосно функционирање на сите јавни установи. Поголем дел од нив, според ревизијата, извршиле значително помал обем на услуги од оној за кој добиле договорен надоместок.
Дополнителен проблем се референтните цени според кои ФЗО ги плаќа здравствените услуги. Најголемиот дел од нив биле утврдени пред повеќе од десет години и повеќе не ги одразуваат реалните трошоци за материјали, лекови, енергија, опрема и работна сила. Ревизорите бараат и натамошно ажурирање на Листата на лекови што се покриваат од Фондот.
Наодите доаѓаат во период кога ФЗО јавно соопштува дека спроведува реформи, ја зголемува транспарентноста и го подобрува пристапот на пациентите до услуги и лекови. Ревизијата, сепак, покажува дека зад дел од преземените мерки остануваат нерешени основни проблеми во наплатата на приходите, контролата на фактурите, информатичките системи и начинот на финансирање на болниците.
ДЗР доставил препораки за подобрување на работењето на Фондот, особено за воспоставување функционални и меѓусебно поврзани софтверски решенија, зголемување на контролите, подобро следење на лекувањето во странство и ажурирање на цените и Листата на лекови.
