Од црно платно до двегодишен клуч: базенот „Борис Трајковски“ оди на реконструкција

ФОТО: Пливачки базен/Спортски Центар Борис Трајковски

Базенот „Борис Трајковски“ во Скопје ќе остане затворен околу две години и нема повторно да прима посетители додека целосно не се реконструира. Одлуката следува откако во невремето на 21 јули одлетал дел од покривот, а делови паднале во пливачките патеки додека во објектот имало посетители, по што била спроведена евакуација.

Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК, директорот Даниел Апостоловски најавил дека нема да се интервенира само на оштетениот покрив, туку објектот ќе се реконструира „од темел“ – од машинската соба до кровната конструкција. Проектот е завршен, а следниот чекор е распишување тендер и избор на изведувач.

Градежните активности се очекува да започнат во ноември. Самата реконструкција, според проектната документација, треба да трае меѓу 12 и 18 месеци, но со постапката за јавна набавка и склучувањето договор, базенот за корисниците ќе биде недостапен околу две години.

Затворањето доаѓа по серија проблеми со објектот. Минатата година базенот не работеше пет месеци откако падна дел од таванот. По санацијата под покривот беше поставено црно заштитно платно, а раководството тврдеше дека објектот е значително побезбеден. Целосната реконструкција беше најавена за есента 2026 година, но последното невреме го забрза затворањето.

Базенот последен пат бил реновиран во 2010 година. Новиот зафат треба да ги опфати покривот, машинските системи и останатата инфраструктура, наместо повторно да се применува привремено решение за одделни оштетувања.

Најчитано