Марковски имал „тешки состаноци“ во Србија, затоа ја напуштил Македонија, ама ќе се врател

Борче Марковски „имал тешки состаноци“ во Србија и во сабота ќе се врател во Македонија, тврди неговиот адвокат Марјан Николоски. Битолскиот бизнисмен ја напушти државата веднаш откако Основниот суд во Струга му го врати пасошот што претходно му беше одземен поради опасност од бегство.

Марковски е првообвинет во предметот за јавната набавка вредна околу 1,7 милиони евра за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Тој и уште седум лица се обвинети за кривични дела поврзани со тендерот, а вината треба да се утврди во судската постапка.

„Денеска и утре има тешки состаноци. Сабота ќе биде во Македонија“, изјавил адвокатот за Телма, уверувајќи дека не станува збор за бегство, туку за неопходни деловни обврски во фирмата на Марковски во Србија. Како гаранција за неговото присуство во постапката е заложен недвижен имот вреден околу пет милиони евра.

Сепак, враќањето на пасошот не поминало без противење. Обвинителот од Основното јавно обвинителство во Струга на 15 јуни дал негативно мислење, но по жалба на одбраната, Вишото јавно обвинителство во Битола наложило да биде дадено позитивно мислење. Како аргумент биле наведени гаранцијата и можната ненадоместлива штета за фирмата во Србија доколку Марковски итно не отпатува.

Од Јавното обвинителство велат дека Марковски во моментов не може да се смета за лице во бегство и дека има обврска да се јавува пред судот. Воедно најавија дека ќе ги испитаат сите аспекти на одлуката со која бил овозможен неговиот излез од државата.

Левица реагираше дека Марковски ја напуштил Македонија „со амин од правосудството“, оценувајќи дека институциите ја ублажиле мерката токму за лице за кое претходно постоела процена за опасност од бегство. Партијата бара одговор врз кои конкретни законски основи имотната гаранција била оценета како доволна замена за одземениот пасош.

Основниот суд во Струга сè уште нема јавно објавено детално образложение на одлуката. Судењето треба повторно да започне на 2 септември, а дотогаш институциите го чекаат ветеното саботно враќање на обвинетиот од неговите „тешки состаноци“

Најчитано