Македонската економија во 2025 година достигнала само 43 проценти од просечниот БДП по жител во Европската Унија. Зад Македонија меѓу земјите од регионот останува единствено Босна и Херцеговина, додека Турција, Црна Гора, Србија, па дури и Албанија веќе се подобро позиционирани.
Но, уште позагрижувачки од моменталната позиција е бавното придвижување. Податоците на Евростат покажуваат дека во 2015 година македонскиот БДП по жител бил 39 проценти од просекот на ЕУ, а десет години подоцна стигнал до 43 проценти. За една деценија земјата ја намалила разликата со Унијата за само четири индексни поени.
Во истиот период Албанија се искачила од 30 на 43 проценти од европскиот просек и практично ја достигнала и минимално ја надминала Македонија. Србија напредувала од 40 на 52 проценти, а Црна Гора од 42 на 54 проценти. Наместо забрзано приближување кон Европа, Македонија добива регион во кој соседите се оддалечуваат пред неа.
Народната банка за Телма појаснува дека БДП по жител според паритетот на куповната моќ ги отстранува разликите во цените и овозможува пореална споредба на економската активност меѓу државите. Според истиот показател, македонската економија создава помалку од половина од вредноста што просечно се создава по жител во ЕУ.
Ниту пониските цени не ја менуваат суштинската слика. Индивидуалната потрошувачка во Македонија е околу половина од европскиот просек, додека ценовното ниво е приближно 50 проценти од она во ЕУ. Тоа значи дека земјата е поевтина, но граѓаните располагаат и со значително помала економска моќ.
Податоците за 2025 година се прелиминарни и подлежат на ревизија, а за Македонија дел од нив се проценети. Сепак, разликите се доволно големи за главниот заклучок да не се промени: економската конвергенција е бавна, а Македонија заостанува зад речиси целиот регион.
Политичките пораки за раст и историски успеси тешко се вклопуваат во табела во која државата по десет години стигнала само четири чекори поблиску до европскиот просек. Босна и Херцеговина можеби е зад нас, но речиси сите други се веќе напред.
