Помалку станови под закуп, падна и вкупната кирија

становите

Бројот на изнајмени недвижности во Македонија се намалил во вториот квартал од 2026 година. Во Регистарот на цени и закупнини биле евидентирани 2.148 договори, што е пад од 17 проценти во споредба со првите три месеци од годината.

Намалување има и кај становите. Од април до јуни биле регистрирани 630 закупи, односно 14 проценти помалку од претходниот квартал. Вкупната месечна закупнина за становите е намалена за девет проценти.

Најголем дел од договорите се однесуваат на деловни простории – вкупно 935. Иако нивниот број се намалил за осум проценти, вкупната вредност на кириите за деловните простори пораснала за 20 проценти.

Пад од 24 проценти е забележан и кај изнајмените куќи, чија вкупна месечна закупнина е намалена за пет проценти. Во кварталот биле регистрирани 235 договори за куќи.

Најмногу закупи имало во Центар – 286, потоа во Аеродром со 197, Карпош со 173 и Битола со 129 договори.

Просечната месечна кирија за станбен простор во Центар изнесувала 408 денари за квадратен метар, во Аеродром 375, во Карпош 354, во Кисела Вода 326, а во Штип 266 денари.

И покрај падот на бројот на договорите, вкупната месечна вредност на сите регистрирани закупнини пораснала за девет проценти и достигнала 76,2 милиони денари, односно околу 1,2 милиони евра.

Најчитано