Со кревањето на знамето на Крушевската Република на Гумење, вечерва почнува традиционалната манифестација „10 дена Крушевска Република“, со која се одбележуваат Илинден и 123 години од Илинденското востание.
Програмата започнува со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев и посета на Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во Смилево.
Илинденските коњаници ќе бидат пречекани во 18 часот кај Столбот на Крушевската Република. Се очекува во Крушево да пристигнат меѓу 120 и 140 коњаници од повеќе места во Македонија, по што ќе биде формирана поворка до Гумење.
Делегации ќе положат цвеќе на гробот на Питу Гули, Партизанските гробишта, гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и пред бистата на Веле Марко.
Во 19:30 часот пред Македониумот ќе биде отворена изложбата „Илинденското востание во архивската меморија“, а свеченото отворање на манифестацијата е закажано за 20 часот на Гумење. Ќе бидат прочитани Крушевскиот манифест и традиционално ќе одекне Црешовото топче.
Централното чествување на Денот на Републиката ќе се одржи утре на Мечкин Камен, каде што е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
