Албанскиот премиер Еди Рама најави дека воздушниот простор за време на планираниот самит на НАТО во Тирана ќе биде обезбедуван со „суперинтелигентни“ дронови произведени во Албанија.
Рама рече дека земјата нарачала и напреден систем за противвоздушна одбрана, кој наскоро треба да пристигне, но не откри за каков систем станува збор, колку чини и од која компанија е набавен.
„Одбраната на небото за самитот на НАТО, каде што ќе биде присутен и претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе се врши со суперинтелигентни дронови произведени овде, во Албанија“, изјави Рама.
Најавата беше дадена при предавањето 40 тактички возила на албанската армија. Возилата се произведени од компанијата „Тимак“ во партнерство со државната одбранбена компанија „КАЈО“.
Албанското Министерство за одбрана претходно соопшти дека во земјата се развиваат производствени капацитети за беспилотни летала и системи за откривање и неутрализирање дронови. Владата најави дека домашното производство прво ќе ги задоволува потребите на вооружените сили, а потоа дел од опремата ќе се извезува.
Сепак, техничките карактеристики на дроновите што треба да го обезбедуваат самитот не се објавени. Не е познато дали тие ќе служат за набљудување, откривање закани, електронско попречување или за други безбедносни операции.
НАТО во јули започна поширока иницијатива за зајакнување на беспилотните и противдронските капацитети. Алијансата најави инвестиции од повеќе од 40 милијарди долари во оваа област во следните пет години.
Рама зборува за самит на НАТО во Тирана во 2027 година, но во официјалната декларација од самитот во Анкара не е наведено каде и кога ќе се одржи следната средба на лидерите на Алијансата. Во документот се наведува само дека членките очекуваат нов состанок.
