СДСМ: БДП по жител е само 43 отсто од просекот на ЕУ

Филипче

Македонија останува меѓу европските земји со најнизок БДП по жител, а официјалните податоци ја покажуваат разликата меѓу владините тврдења за забрзан економски раст и животниот стандард на граѓаните, соопшти СДСМ.

Од опозициската партија наведуваат дека податоците на Евростат покажуваат оти БДП по жител во Македонија, изразен според стандардот на куповната моќ, во 2025 година достигнал само 43 отсто од просекот на Европската Унија.

Според податоците на Евростат, Македонија е на исто ниво со Албанија. Пред неа се Србија со 52 отсто, Црна Гора со 54 и Турција со 67 отсто од европскиот просек, додека понизок резултат има Босна и Херцеговина со 36 отсто. Податокот за Македонија е зголемен за еден процентен поен во однос на 2024 година, кога изнесувал 42 отсто.

„Народната банка и Евростат ја потврдија реалната состојба. Македонија е меѓу земјите со најнизок БДП по жител во Европа и речиси на дното во регионот“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Од партијата оценуваат дека ваквите показатели се спротивни на оптимистичките изјави на премиерот Христијан Мицкоски за состојбата во економијата. Мицкоски во март изјави дека Македонија во 2025 година била меѓу петте европски економии со најбрз раст и дека, доколку продолжи истиот тренд, во 2026 година може да влезе меѓу првите три.

Станува збор за два различни економски показатели. Стапката на раст покажува колку се зголемил БДП во одреден период, додека БДП по жител според куповната моќ го покажува достигнатото ниво на економска активност во споредба со другите земји. Евростат наведува дека БДП по жител е показател за нивото на економската активност, додека индивидуалната потрошувачка е попрецизен показател за материјалната благосостојба на домаќинствата.

СДСМ тврди дека ниското економско ниво граѓаните го чувствуваат преку платите, високите трошоци за живот и намалената куповна моќ. Од партијата членството во Европската Унија го посочуваат како можност за поголем пристап до европските фондови, повисоки приходи и подобри услови за младите.

Најчитано