Тројца приведени при обид подигнување кредит од 900.000 денари со лажна лична карта

МВР

Тројца скопјани биле приведени во банка во Скопје додека се обидувале да подигнат кредит од 900.000 денари со фалсификувана лична карта и лажна кредитна документација.

Полициски службеници од Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје ги привеле лицата на 29 јули, во моментот кога вработените во банката ја обработувале поднесената документација.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за тројца жители на Скопје на возраст од 45, 21 и 29 години, осомничени за кривичните дела „фалсификување исправа“ и „злоупотреба на лични податоци“.

Четириесет и петгодишниот осомничен, со помош од другите две лица, се обидел да поднесе барање за кредит користејќи лична карта со сопствена фотографија, но со личните податоци на друг граѓанин. Заедно со документот биле приложени и фалсификувани документи потребни за одобрување на кредитот.

Тројцата биле приведени пред да бидат исплатени парите. По консултација со дежурен јавен обвинител, тие биле изведени пред судија на претходна постапка.

Најчитано