Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, е полесно повредена во сообраќајна несреќа во тунелот Кастелец, на автопатот од Копер кон Љубљана. По лекарскиот преглед и ноќта помината на набљудување во болницата во Изола, таа е пуштена на домашно лекување.
Несреќата се случила во петокот во 16:57 часот, а во неа учествувале две службени полициски возила од колоната што ја обезбедувала претседателката. Во судирот биле повредени две лица. Пирц Мусар добила полесни повреди, додека друго лице од едно од возилата било тешко повредено. Двајцата биле пренесени во Општата болница во Изола.
Претседателката патувала од Хрватска, каде што била на одмор, кон Коменда, каде што требало да присуствува на официјален спортски настан чиј почесен покровител е. Од нејзиниот кабинет соопштија дека таа се чувствува добро и им се заблагодари на итните служби и на медицинскиот персонал за укажаната помош.
Тунелот Кастелец бил затворен повеќе од три часа поради интервенцијата и увидот, а сообраќајот повторно бил воспоставен во 20:19 часот. Словенечката полиција продолжува да ги утврдува причините и околностите на несреќата, за која е известен и надлежниот оддел на Специјализираното државно обвинителство.
