Трабзонспор испратил понуда до Мохамед Салах тешка 34 милиони евра, во обид да го донесе египетскиот фудбалер во турското првенство, објавија повеќе турски и меѓународни спортски медиуми.
Според објавените информации, клубот од Трабзон му понудил двегодишен договор со загарантирана плата од 17 милиони евра по сезона. Во оваа сума не се вклучени евентуалниот бонус за потпис, провизијата за агентот, премиите и приходите од имиџ-права.
Претставници на Трабзонспор наводно веќе разговарале со агентите на Салах и им ги презентирале финансиските услови. Египќанецот сè уште не дал конечен одговор, а од клубот и од неговиот тим засега нема официјална потврда дека е постигнат договор.
Салах е слободен фудбалер по завршувањето на неговиот деветгодишен престој во Ливерпул. Во изминатиот период за него интерес покажаа повеќе клубови од Турција, Саудиска Арабија и американската МЛС-лига.
Претходно за негов ангажман преговараше и Бешикташ, но разговорите пропаднале поради финансиските барања и условите поврзани со договорот. Турскиот клуб потоа се повлекол од трката за неговиот потпис.
Доколку трансферот се реализира, Салах би станал едно од најголемите фудбалски имиња што настапувале за Трабзонспор. Сепак, информацијата за понудата и понатаму има статус на трансферна шпекулација, бидејќи на официјалната интернет-страница на клубот сè уште нема соопштение за преговорите.
