Доделени 47 социјални станови во Дебар, нови објекти и во други градови

Клучевите од 47 социјални станови во Дебар им беа врачени на избраните корисници, откако на јавниот оглас за нивна распределба пристигнале 85 барања. Становите се наменети за граѓани и семејства што немаат решено станбено прашање и припаѓаат на социјално ранливите категории.

Становите се со површина од 34 до 54 квадратни метри и се наоѓаат во новоизграден објект на улицата „Нормалја е Елбасанит“. Зградата е изградена во рамките на државната програма за социјално домување, со средства обезбедени преку заем од Банката за развој при Советот на Европа.

Меѓу корисниците се деца без родители или родителска грижа, приматели на гарантирана минимална помош, лица погодени од природни непогоди, лица со попреченост и нивните семејства, како и самохрани родители со малолетни деца.

На доделувањето присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Марјан Стефановски и градоначалникот на Дебар.

Николоски најави дека програмата за социјално домување продолжува и во други општини. Во тек се огласи за распределба на станови во Пробиштип и Свети Николе, додека изградбата на нови социјални згради во Бутел, Сарај и Прилеп е во завршна фаза. Планирана е изградба на ваков објект и во Штип.

Според податоците што ги соопшти министерот, претходно биле распределени 29 станови во Велес, 32 во Кочани, 21 во Струмица и 19 во Гевгелија.

Премиерот Мицкоски изјави дека Владата ќе продолжи да инвестира во проекти за социјално домување и во локалната инфраструктура. Во Дебар, според владините најави, се реализираат повеќе од 20 инфраструктурни проекти, меѓу кои и сообраќајница што треба да го поврзе новиот станбен објект.

Најчитано