Американските амбасади во повеќе земји од Блискиот Исток ги повикаа државјаните на САД да размислат за заминување од регионот или да бидат подготвени брзо да го напуштат доколку дојде до нова ескалација на конфликтот со Иран.
Безбедносните предупредувања биле објавени од американските дипломатски мисии во Бахреин, Ирак, Израел, Јордан, Кувајт, Либан, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Не станува збор за задолжителна наредба за евакуација, туку за препорака граѓаните навреме да подготват план за заминување додека комерцијалните летови се достапни.
„Американците во регионот треба да размислат за заминување или да бидат подготвени да заминат во случај на ескалација“, се наведува во предупредувањето објавено од Амбасадата на САД во Ерусалим.
Американските граѓани се предупредени дека може да дојде до ненадејно откажување летови, периодично затворање на воздушниот простор и поголеми нарушувања во патувањето. Стејт департментот ги советува патниците директно да го проверуваат статусот на летовите кај авиокомпаниите и да ги следат упатствата на локалните власти.
На Американците во Јордан им било препорачано да не се приближуваат до американските воени бази, кои претходно биле цели на ирански ракетни напади. Во Израел, пак, дипломатската мисија побарала граѓаните да ја знаат локацијата на најблиското засолниште и да обезбедат резерви од вода, храна, лекови и други основни производи.
Амбасадата во Ерусалим соопшти дека конзуларните оддели во Ерусалим и Тел Авив продолжуваат да работат, но предупреди дека состојбата останува променлива и дека нападите може да се прошират и на места што претходно не биле директно погодени.
Стејт департментот уште на 22 јули издаде глобално предупредување поради зголемените тензии на Блискиот Исток. На американските граѓани надвор од регионот им беше препорачано повторно да ја разгледаат одлуката за патување кон или преку Блискиот Исток.
Новите предупредувања следуваат по обновената размена на напади меѓу САД и Иран и американските најави за можни нови воени дејства. Иранската армија го обвини Вашингтон за зголемување на тензиите и предупреди дека во конфликтот може да бидат вовлечени и земји што обезбедуваат поддршка за американските операции.
