[Видео] Филипче од Крушево: Илинден има вредност ако градиме подобра иднина, а не држава на поделби и изолација

Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по повод Денот на Републиката – Илинден, од Крушево порача дека сеќавањето на Илинденското востание и Крушевската Република има вистинска вредност само доколку служи како поттик за градење подобра иднина.

Оддавајќи почит на илинденците, Филипче рече дека нивната борба не била за изолација, страв и поделби, туку за слобода, правда и право народот сам да ја одлучува својата судбина.

„Македонија не смее да остане заробена во минатото. Не смее да биде држава во која младите заминуваат, во која пензионерите едвај преживуваат, во која водата за пиење е опасна, а институциите служат на тесен круг луѓе“, изјави Филипче.

Тој оцени дека денешната обврска е продолжување на идеалите на Илинден преку изградба на држава во која владеат правото и еднаквите можности.

Според лидерот на СДСМ, неговата партија се залага за Македонија со чиста вода, достоинствени плати, перспектива за младите и членство во европското семејство како слободна, демократска и просперитетна држава.

Филипче порача дека ако илинденците се бореле против тиранијата на своето време, денешната борба, според него, е против корупцијата, изолацијата и, како што рече, „лажниот патриотизам што ја држи државата во место“.

„Ние се сеќаваме на минатото. Но ја избираме иднината“, порача Филипче во обраќањето од Крушево по повод 2 Август – Денот на Републиката.

Најчитано