Пожар на пет локации кај Раец

Голем пожар избувна во атарот на кавадаречкото село Раец, каде што доцна синоќа огнот бил активен на пет различни локации.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, оцени дека состојбата е исклучително сериозна и соопшти дека пожарникарите и другите надлежни служби вложуваат максимални напори за локализирање на пожарот.

„Апелираме до сите граѓани да не се движат кон зафатеното подрачје, да не го попречуваат работењето на службите и строго да се придржуваат до нивните насоки“, порача Јанчев.

Засега нема официјални информации за повредени лица, загрозени куќи или за површината зафатена од огнот. До објавувањето на текстот не е соопштено ниту дали пожарот е ставен под контрола.

Пожарникарите од Кавадарци претходно предупредија дека сувата вегетација и високите температури создаваат услови за брзо ширење на пожарите. Граѓаните се повикани да не палат оган и растителен отпад на отворено и секој забележан чад веднаш да го пријават на 193 или 112.

Најчитано