Тринаесет загинати во туристички лет над Наска

Тринаесет лица загинаа откако мал туристички авион се урна за време на панорамски лет над познатите линии Наска во јужниот дел на Перу.

Во авионот имало 11 странски туристи и двајца перуански членови на екипажот. Меѓу патниците биле седум државјани на Италија, двајца на Шпанија и двајца на Германија. Никој не ја преживеал несреќата.

Леталото „Цесна караван Ц-208“, во сопственост на перуанската компанија „Аеродијана“, полетало од аеродромот во Писко околу 12:10 часот по локално време. Околу 13 часот екипажот пријавил вонредна состојба, по што била изгубена радиоврската.

Авионот се урнал во подрачјето Сокос, на околу шест километри од градот Наска и приближно 19 километри од археолошкиот локалитет. По ударот избувнал пожар, поради што спасувањето на патниците било невозможно.

Причината за несреќата сè уште не е утврдена. Перуанската Комисија за истражување воздухопловни несреќи испратила истражители кои собираат остатоци, снимки од комуникациите, документи и други докази од местото на падот.

Леталото немало класична црна кутија, но истражителите ќе се обидат да пронајдат мемориска картичка што би можела да содржи податоци за неговата работа пред несреќата. Надлежните потврдиле дека системите за комуникација на аеродромот во Наска функционирале и дека разговорите со екипажот биле снимени.

Перуанското Министерство за транспорт привремено ги суспендираше сите операции на „Аеродијана“ додека се проверува дали компанијата ги почитувала прописите, процедурите и безбедносните услови. Одделна истрага треба да ја утврди непосредната причина за падот.

Еден ден пред несреќата, летовите од блискиот аеродром „Марија Рајхе“ биле привремено прекинати поради ветрови посилни од 40 километри на час, прашина и намалена видливост. Сепак, властите предупредуваат дека засега нема докази оти временските услови ја предизвикале несреќата.

Линиите Наска се огромни фигури и геометриски форми создадени во пустинскиот терен, кои најчесто се разгледуваат од воздух. Локалитетот е една од најпознатите туристички атракции во Перу и годишно привлекува околу 100.000 посетители.

Најчитано