Хрватска во сообраќаен колапс, колони до осум километри

Големи колони и повремени застои утрово се создадоа на главните патишта во Хрватска, особено на правците од Загреб кон Јадранското Море.

На автопатот А1, меѓу јазлите Лучко и Босиљево 2, сообраќајот е исклучително густ и се одвива во колони со повремени запирања. Гужвите се прелеале и на државниот пат ДЦ1, познат како стариот карловачки пат, каде што колоната пред Карловац достигнала околу осум километри.

Според најновото известување на Хрватскиот авто-клуб, објавено во 9:21 часот, колоната на ДЦ1 се намалила на околу пет километри, но сообраќајот од Загреб кон Карловац и натаму е многу густ.

Колони од околу четири километри има и на загрепската обиколница кон наплатната станица Лучко, додека на автопатот А3, по сообраќајна несреќа меѓу Косница и Јакушевец, била формирана колона од околу два километри. Застои се регистрирани и на автопатите А2, А4 и на риечката обиколница.

Хрватските автопатишта претходно објавија дека по сообраќајна несреќа меѓу Јастребарско и Карловац колоната на А1 достигнала 14 километри, по што почнала постепено да се намалува.

Хрватскиот авто-клуб предупредува дека поради туристичката сезона и претстојниот празник се очекува засилен сообраќај во двата правци, особено на делницата Лучко – Карловац – Босиљево. На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината, да одржуваат растојание и да проверуваат каква е состојбата пред тргнување.

Најчитано