Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден надзор во три здравствени установи за да се утврди зошто 19-годишната Станка Михајлова од струмичкото село Баница не може да оди по породувањето со царски рез во Клиничката болница во Штип.
Инспекторите ја проверуваат медицинската документација и третманот на пациентката во Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Министерството за здравство најави дека по завршувањето на инспекцијата ќе следува и стручен надзор, по што ќе бидат разгледани евентуалните натамошни мерки.
Михајлова по породувањето има тешкотии со движењето и користи инвалидска количка. Семејството тврди дека проблемите биле присутни уште при нејзиното отпуштање од штипската болница, иако во документацијата било наведено дека е пуштена „во добра општа состојба“. Причината за нејзината состојба засега не е утврдена.
Според „Слободен печат“, во изминатиот месец пациентката била подложена на повеќе од 27 прегледи, но сè уште не е утврдена причината поради која не може самостојно да оди. Таа моментално се лекува на одделот за неврологија во штипската болница.
Од Клиничката болница во Штип соопштија дека постоперативниот тек бил уреден и дека пациентката подоцна се јавила со слабост во долните екстремитети. Директорот Владко Захариев најави дека ќе има одговорност доколку стручниот надзор утврди лекарски пропуст.
Министерството порача дека случајот ќе биде испитан „темелно, професионално и до крај“ и дека ниту еден аспект нема да биде изоставен. Доколку се утврдат пропусти во лекувањето или постапувањето на здравствените работници, ќе бидат преземени мерки во согласност со законските надлежности.
Од институцијата апелираат да не се носат предвремени заклучоци за причината и евентуалната одговорност додека не завршат инспекцискиот и стручниот надзор. Министерството најави дека јавноста ќе биде информирана откако ќе бидат собрани медицинската документација и конечните наоди.
