ВИДЕО: Љубојно повторно ги собра иселениците за Илинден

Македонци од татковината, Европа и прекуокеанските земји повторно се собраа во преспанското село Љубојно, каде на 1 и 2 август се одржаа 53. „Љубански илинденски иселенички средби“.

Средбите, кои повеќе од половина век се организираат за Илинден, ги обединија иселениците со жителите и гостите од Преспа, Битолско, Охридско, Леринско и Мала Преспа. Главната програма се одржа на просторот „Полена“ во центарот на Љубојно.

На Илинден, во манастирската црква „Свети Илија“, била отслужена богослужба, по што било положено цвеќе пред Споменикот на паднатите илинденски борци. Централната народна веселба продолжила со настапи на Тања Лазаревска, Благица Вељаноска-Кољева, групата „Молика“ и Тина.

Манифестацијата започнала како локална панаѓурска прослава, но со текот на годините прераснала во една од најпознатите иселенички средби во Преспа. Во нејзината организација низ децениите учествувале жители на Љубојно, иселеници, Општина Ресен, Агенцијата за иселеништво, културно-уметнички друштва и македонски здруженија од дијаспората.

За Љубојно, Илинденските средби остануваат ден кога печалбарските домови повторно се отвораат, а роднините и пријателите раселени низ светот се враќаат во селото. Манифестацијата ја одржува врската меѓу Преспа и македонската дијаспора и ја пренесува локалната традиција на помладите генерации.

Најчитано