Две жени на возраст од околу 20 години загинаа во експлозијата што го погоди трговскиот центар „Еон мол Кумамото“ по силниот земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтер. Според јапонските власти, експлозијата се случила откако објектот бил евакуиран, а причината најверојатно е истекување на гас предизвикано од потресот.
Подоцна беше откриено дека двете работнички се вратиле во трговскиот центар по наредба на нивните претпоставени за да ја обезбедат дневната заработка и готовината во продавницата. Неколку минути по нивното враќање се случила силната експлозија, при што тие ги загубиле животите. Компанијата во меѓувреме јавно се извини до семејствата на жртвите и призна дека одлуката била погрешна.
Во несреќата беа повредени уште неколку лица, додека спасувачките екипи со часови пребаруваа низ урнатините на трговскиот центар. Истовремено, земјотресот предизвика уривање на згради, оштетување на патишта и прекин на железничкиот и воздушниот сообраќај во погодениот регион.
Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека по главниот потрес се можни силни последователни земјотреси и свлечишта, а околу 300.000 жители беа повикани привремено да се евакуираат. Илјадници домаќинства останаа без електрична енергија, додека службите продолжуваат да ја проценуваат штетата.
Случајот предизвика јавна дебата за одговорноста на работодавачите во вонредни ситуации. Јапонските медиуми и синдикатите бараат темелна истрага за тоа дали работничките биле изложени на непотребен ризик со наредбата да се вратат во небезбедниот објект по силниот земјотрес.
