Седуммина загинаа во експлозија на дрон на руска плажа

Русија

Седум лица, меѓу кои три деца, загинаа откако дрон експлодирал на плажа во Архипо-Осиповка, во близина на руското црноморско одморалиште Геленџик, соопшти оперативниот штаб на Краснодарскиот Крај. Во нападот биле повредени уште 40 лица.

Од повредените, 21 лице било хоспитализирано, а 19 добиле амбулантна медицинска помош. Деветмина од хоспитализираните, меѓу кои и три деца, биле во тешка состојба, според податоците што ги објавија руските здравствени власти.

Руските регионални власти тврдат дека станува збор за украински напад врз цивилна инфраструктура. Засега не е целосно разјаснето дали дронот директно паднал на плажата или бил пресретнат од противвоздушната одбрана, по што неговите остатоци предизвикале експлозија. Украина до објавувањето на информациите немаше коментар за случајот.

На местото интервенираат итните и безбедносните служби, а во Архипо-Осиповка е формиран кризен штаб. Обвинителството во Геленџик соопшти дека ја следи постапката и обезбедувањето помош за повредените и за семејствата на загинатите.

Архипо-Осиповка се наоѓа на околу 60 километри од Геленџик и е едно од попосетените летувалишта на руското црноморско крајбрежје. Во летниот период местото е особено посетено од семејства и домашни туристи.

Нападот се случи во период на засилени украински воздушни напади врз повеќе руски региони. Во одделни напади во изминатите денови имаше жртви и во други делови на Русија, додека руското Министерство за одбрана соопштуваше дека биле пресретнати стотици беспилотни летала.

Најчитано