Кавадарци помина тешка ноќ со повеќе активни пожари, откако покрај големиот пожар кај Раовец синоќа беа пријавени уште две нови жаришта, кај Камен Дол и меѓу селата Цирково и Манастирец.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, едниот пожар избувнал кај Камен Дол, во близина на каменоломот „Градба промет“, додека вториот е регистриран меѓу Цирково и Манастирец. Новите пожари се оддалечени околу пет и осум километри од првичното големо жариште.
Особено загрижувачка е состојбата меѓу Цирково и Манастирец, каде што, според првичната процена на ЦУК, постои опасност огнот да прерасне во пожар од големи размери. На терен се распоредуваат пожарникари и останати расположливи екипи за да се спречи неговото ширење во текот на ноќта.
Истовремено продолжува борбата со големиот пожар кај селото Раовец, кој во текот на денот повторно се разгоре и се прошири кон стрмен и тешко пристапен терен во близина на Тиквешкото Езеро. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, претходно предупреди дека тешко може да се очекува целосно ставање под контрола во текот на денот, па интервенцијата ќе продолжи и во ноќните часови.
Во гаснењето кај Раовец беа вклучени два авиона „ер трактор“, полициски и армиски хеликоптер, како и четири специјализирани возила „пинцгауер“, два „унимога“, камион на Шумското стопанство и повеќе теренски возила. На терен дејствуваат пожарникари, екипи на ДЗС, МВР, Граничната полиција и Шумското стопанство.
Дополнителен проблем претставуваат високите температури, сувата вегетација и ветерот, кои создаваат услови за брзо ширење на пламенот и појава на нови жаришта. Само во текот на денот на подрачјето биле регистрирани повеќе од десет пожари, од кои дел биле ставени под контрола, но некои можат повторно да се активираат.
Граѓаните се повикани да не се приближуваат до загрозените подрачја, да ги почитуваат насоките на службите и веднаш на бројот 112 да пријават нов пожар, чад или сомнително однесување.
