Над 6.000 загинати во земјотресите во Венецуела

Венецуела
EPA/Henry Chirinos

Бројот на загинати во двата разорни земјотреси што ја погодија Венецуела на 24 јуни се зголеми на 6.125, соопшти претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез.

Во болниците досега биле згрижени речиси 61.000 лица, додека спасувачките и расчистувачките екипи продолжуваат да работат во најтешко погодените подрачја. Според објавените податоци, отстранети се само 16,5 проценти од урнатините создадени во катастрофата.

Земјотресите со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени се случија во краток временски интервал, а најголемите разурнувања беа регистрирани во крајбрежната држава Ла Гваира и во делови од Каракас. Околу 190 објекти целосно се урнале, а повеќе од 16.000 биле прогласени за небезбедни.

Речиси 24.000 луѓе и натаму живеат во импровизирани засолништа, додека локалните власти наведуваат дека околу 1.400 лица сè уште се водат како исчезнати. Конечниот број на жртви може дополнително да се зголеми додека трае пребарувањето на урнатините.

Катастрофата е најсмртоносниот земјотрес во Венецуела од 1812 година. Светската банка ја процени директната материјална штета на 19,6 милијарди долари, додека вкупните трошоци за обнова би можеле да достигнат и до 50 милијарди долари.

Владата е изложена на критики поради бавната реакција на дел од институциите и недоволната помош за луѓето затрупани под урнатините. Привремената претседателка Делси Родригез ја брани работата на надлежните служби и најави обезбедување нови домови за погодените семејства.

Најчитано