Коалиција од 25 американски сојузни држави поднесе тужба против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, оспорувајќи ги новите царини од 10 до 12,5 проценти за увоз од десетици трговски партнери на САД.
Тужбата е поднесена пред Американскиот суд за меѓународна трговија. Државите бараат судот да ги прогласи царините за незаконски, тврдејќи дека администрацијата повторно ги надминала своите овластувања и не ја почитувала законската постапка.
Новите царински стапки стапија во сила во јули и опфаќаат увоз од околу 60 економии, меѓу кои Европската Унија, Кина и Канада. Со мерките се опфатени земји од кои доаѓаат речиси сите производи што САД ги увезуваат.
Белата куќа ги воведе царините врз основа на член 301 од Законот за трговија од 1974 година. Образложението е дека трговските партнери не преземаат доволно мерки за спречување на увозот на производи создадени со принудна работа.
Сојузните држави тврдат дека борбата против принудната работа е само изговор за повторно воведување на широките царини што претходно беа поништени од американските судови. Според тужбата, тарифите не се насочени кон конкретни производи или докажани прекршувања, туку речиси подеднакво се применуваат врз цели држави и широк спектар стоки.
Меѓу тужителите се Калифорнија, Њујорк, Аризона, Орегон, Илиноис, Мичиген, Њу Џерси, Вашингтон и Висконсин, како и гувернерите на Кентаки и Пенсилванија. Коалицијата ја предводат јавните обвинители на Калифорнија, Аризона и Орегон.
Ова е нов правен судир околу трговската политика на Трамп, откако Врховниот суд претходно оцени дека претседателот не може да воведува неограничени царини повикувајќи се на законските овластувања за економски вонредни состојби. Администрацијата потоа користеше други одредби од трговското законодавство за да ги замени поништените мерки.
Тужителите предупредуваат дека царините ќе ги зголемат цените на храната, суровините, градежните материјали и стоките за широка потрошувачка, а трошокот на крајот ќе го платат американските граѓани и компаниите. Администрацијата останува на ставот дека мерките се законски и неопходни за заштита на американската економија и работниците.
