Пожарот во Кавадаречко ослабна, но сè уште е активен

Пожарникарските екипи цела ноќ интервенирале на пожарот во Кавадаречко, кој утрово е значително намален, но сè уште не е целосно изгаснат, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Од 6 часот утрово екипите дејствуваат на два правци, од селото Дреново кон Ќесендре и во реонот на селото Раец. На терен се распоредени пожарникари, вработени во јавните претпријатија, полицајци, цистерни, теренски возила и механизација.

На правецот Дреново – Ќесендре интервенираат екипи на ЈП „Комуналец“ од Кавадарци со цистерна и градежна машина, МВР со џип и специјализирано возило, ЈП „Национални шуми“ со камион и џип, како и осум пожарникари од Територијалната противпожарна единица Кавадарци.

Во реонот на Раец се ангажирани цистерна и механизација на „Комуналец“, противпожарно возило и петмина пожарникари од Кавадарци, четворица пожарникари од Неготино и припадници на МВР.

Ноќната интервенција го намали интензитетот на огнот, но екипите остануваат на терен поради активните жаришта и опасноста од повторно разгорување со зголемувањето на температурите во текот на денот.

Пожарот во Кавадаречко вчера се прошири на повеќе локации, поради што во гаснењето беа вклучени и воздухоплови, специјализирани возила и екипи од повеќе институции.

Најчитано