Левица: Осудениот Тодоровски добил „државна тајна“ и функција во Виена

Левица ја обвини претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ дека овозможиле правосилно осудениот разузнавач Киро Тодоровски да добие безбедносен сертификат со степен „државна тајна“ и да биде испратен како претставник на Агенцијата за разузнавање во Виена.

Од партијата посочуваат дека Тодоровски бил осуден во предметот „Титаник“, откако признал вина, а Кривичниот суд потврдил дека пресудата станала правосилна на 18 мај 2023 година. Му била изречена условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години не стори ново кривично дело.

Според податоците објавени од „Слободен печат“, Тодоровски бил вратен на работа во Агенцијата за разузнавање во ноември 2025 година, сертификатот „државна тајна“ го добил во февруари, а во јули бил испратен во Виена. Таму работи и неговата сопруга, а државата, покрај платата, му обезбедува стан, службено возило, покривање на сметките и школување на децата.

„Додека илјадници млади се иселуваат затоа што не можат да обезбедат основна егзистенција, партиски кадри со кривични пресуди добиваат дипломатски статус, службени автомобили и станови платени со народни пари“, реагираат од Левица, оценувајќи дека случајот покажува селективно применување на безбедносните критериуми.

Партијата бара одговор како Тодоровски ја поминал безбедносната проверка, имајќи предвид дека прописите како можни безбедносни пречки ги наведуваат обвинението и осудата за кривично дело што може да влијае врз пристапот до класифицирани информации. АНБ и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации не соопштија детали за конкретната постапка, повикувајќи се на законските ограничувања и класифицираноста на податоците.

Во пријавите доставени до Антикорупциската комисија и Обвинителството се оспоруваат сертификатот и изборот на Тодоровски. Се тврди дека биле менувани интерни правила, пробивани рокови и приспособувани услови за тој да биде испратен во Виена. Тоа се наводи од пријавите по кои надлежните институции треба да утврдат дали имало незаконско постапување.

Агенцијата за разузнавање ги отфрли обвинувањата за незаконски избор и влијание врз комисиите, оценувајќи ги како неосновани тврдења, невистини и дезинформации. Од Агенцијата соопштија дека постапките за избор на претставници во странство содржат класифицирани информации и дека не можат да ги објават деталите.

Левица бара да се објави кој ја одобрил безбедносната проверка, врз кои критериуми бил издаден сертификатот и колку буџетски средства ќе чини престојот на Тодоровски и неговото семејство во Виена

Најчитано