Кога температурите се високи, организмот се обидува да се разлади преку потење. Со губењето на потта не се губи само течност, туку и електролити, односно минерали кои му се потребни на телото за правилно функционирање.
Најважни електролити се натриумот, калиумот, магнезиумот, калциумот и хлоридите. Тие учествуваат во регулирањето на хидратацијата, нервната спроводливост, мускулната работа и одржувањето на нормалната срцева функција.
За повеќето луѓе кои имаат умерена активност во текот на денот, обичната вода останува најдобар избор за хидратација. Но, во услови на екстремни горештини, долготрајно изложување на сонце, интензивна физичка активност или силно потење, телото може да има потреба и од дополнување на изгубените минерали.
Недостатокот на електролити може да се манифестира со замор, слабост, главоболка, вртоглавица, грчеви во мускулите и чувство на исцрпеност. Особено внимание треба да посветат луѓето кои работат на отворено, спортистите и оние кои долго време престојуваат на високи температури.
Електролитите можат да се внесат и преку храната. Овошјето и зеленчукот, како банани, лубеница и зелен лиснат зеленчук, содржат минерали кои му помагаат на организмот да ја одржи рамнотежата. Во одредени ситуации можат да се користат и електролитни раствори или изотонични пијалаци, но тие не се неопходни за секој човек во секојдневни услови.
Експертите потсетуваат дека најважно е течностите да се внесуваат редовно, а не дури кога ќе се појави силна жед. Во најтоплите периоди се препорачува избегнување на директно сонце, одмор во сенка и следење на сигналите што ги испраќа организмот.
