Електраните на Дунав го намалуваат производството поради рекордно нискиот водостој

Рекордно нискиот водостој на Дунав почнува сериозно да влијае врз производството на електрична енергија во неколку европски земји. Поради намалениот проток и високите температури на реката, дел од електраните веќе работат со намален капацитет, а надлежните предупредуваат дека ситуацијата може дополнително да се влоши доколку продолжи топлотниот бран. 

Најголемите проблеми се поврзани со нуклеарните централи и термоелектраните кои ја користат водата од Дунав за ладење. Кога нивото на реката е ниско, а температурата на водата висока, операторите се принудени да го намалат производството за да не се нарушат безбедносните и еколошките стандарди. 

Во Унгарија веќе се преземаат мерки за намалување на потрошувачката на електрична енергија поради нискиот водостој на Дунав, додека во Романија властите предупредија дека нуклеарната централа „Чернавода“ работи во исклучително сложени услови. Еден од блоковите веќе е исклучен, што влијае врз домашното производство на електрична енергија. 

Освен енергетскиот сектор, ниското ниво на Дунав создава проблеми и за речниот транспорт. Бродовите пловат со намален товар, а на одредени делници пловидбата е значително отежната поради појавата на песочни наноси и плитки делови од реката. Сателитските снимки покажуваат дека коритото на Дунав е значително повлечено во споредба со минатата година. 

Експертите предупредуваат дека комбинацијата од долготрајна суша и екстремни горештини ја прави Европа сè поранлива на енергетски и транспортни нарушувања. Доколку временските услови не се подобрат, можно е дополнително намалување на производството во електраните кои зависат од водата на Дунав за своето функционирање.

Најчитано