По 30 години почнува судењето за убиството на Тупак Шакур

Речиси три децении по убиството на Тупак Шакур, во Лас Вегас почнува судењето против единствениот обвинет во случајот. На обвинителната клупа на 10 август ќе седне 63-годишниот Дуан „Кефи Ди“ Дејвис, кој се товари дека го организирал нападот врз една од највлијателните фигури во историјата на хип-хопот.

Дејвис беше уапсен во септември 2023 година и се изјасни дека не е виновен. Обвинителството тврди дека тој го испланирал нападот и го обезбедил оружјето, иако не се товари дека лично ги испукал куршумите кон автомобилот во кој се наоѓал Шакур. Доколку биде прогласен за виновен, може да добие доживотен затвор.

Тупак беше застрелан на 7 септември 1996 година додека седел на совозачкото седиште во автомобил управуван од тогашниот директор на „Дет Роу рекордс“, Марион „Шуг“ Најт. Бел „кадилак“ се доближил до нивниот автомобил на семафор во Лас Вегас, по што од него биле испукани повеќе куршуми. Раперот почина шест дена подоцна, на 25-годишна возраст.

Нападот се случил по боксерскиот меч меѓу Мајк Тајсон и Брус Селдон и тепачката во хотелот „МГМ Гранд“. Во инцидентот Тупак и лица од неговото обезбедување го нападнале Орландо Андерсон, внук на Дејвис и член на ривалска банда. Обвинителите сметаат дека пукањето било одмазда за таа пресметка.

Според истрагата, во автомобилот од кој било извршен нападот се наоѓале Дејвис, Андерсон, Деандре Смит и Тери Браун. Другите тројца во меѓувреме починале, а Дејвис е единствениот жив човек за кого истражителите тврдат дека бил во возилото.

Клучен дел од доказите ќе бидат неговите претходни изјави во интервјуа, документарни филмови и мемоарите објавени во 2019 година. Судијката Карли Кирни дозволи обвинителството да користи и полициско интервју од 2008 година, иако одбраната тврдеше дека Дејвис тогаш разговарал со истражителите под гаранција дека изјавите нема да бидат употребени против него.

Одбраната најавува дека ќе ја оспори веродостојноста на неговите претходни признанија, тврдејќи дека дел од нив биле измислени или преувеличени за публицитет и продажба на книги. Обвинителството, пак, ќе се обиде да докаже дека јавните изјави на Дејвис се совпаѓаат со доказите и хронологијата на нападот.

Меѓу најавените сведоци се Шуг Најт, поранешниот градоначалник на Лас Вегас Оскар Гудман и гувернерот на Невада Џо Ломбардо, кој во периодот на убиството бил припадник на полицијата во Лас Вегас

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?