Бунт во затворите во Шри Ланка, има загинати и повредени

Насилство избувна во затворите во Шри Ланка, каде во последните денови се регистрирани крвави судири меѓу затвореници. Властите соопштија дека во инцидентите има жртви и десетици повредени лица, додека безбедносните служби работат на стабилизирање на состојбата. 

Еден од најсериозните инциденти се случи во затворот Негомбо, каде судирите меѓу затвореници поврзани со ривалски криминални групи резултираа со најмалку 26 загинати и повеќе од 100 повредени лица, меѓу кои и затворски службеници. 

Според информациите од надлежните, дел од насилството било поврзано со конфликти меѓу групи осомничени за трговија со дрога. Ситуацијата била ставена под контрола по интервенција на полицијата и специјалните единици. 

Насилните инциденти повторно го отворија прашањето за состојбата во затворскиот систем на Шри Ланка, каде со години се предупредува на пренатрупаност и недоволни капацитети. Според податоците, бројот на затвореници значително ги надминува капацитетите на установите. 

Обединетите нации оценија дека трагедијата ја нагласува потребата од подобрување на условите во затворите, поголема безбедност за вработените и подобра заштита на лицата лишени од слобода. 

Властите најавија дополнителни проверки и мерки за спречување на нови немири, додека истрагите треба да покажат како дошло до ескалација на конфликтите во затворските објекти.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?