Рама до Вучиќ: Нема „Голема Албанија“, но Косово не е српска територија

Edi Rama and Aleksandar Vucic / Photo: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Албанскиот премиер Еди Рама остро реагираше на изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ за можноста Србија да го промени текот на реката Ибар, порачувајќи дека Белград не може да ги третира Косово и неговите природни ресурси како дел од српската територија.

Полемиката почна откако Вучиќ изјави дека Србија ангажирала експерти за да ја разгледа можноста за промена на водотекот на Ибар на српска територија, како реакција на односот на косовските власти кон Србите на Косово. Изјавата предизвика официјална реакција и од албанското Министерство за надворешни работи.

Рама, реагирајќи на социјалната мрежа „Икс“, ги отфрли тврдењата за албански територијални амбиции и оцени дека секогаш кога Тирана зборува за Косово, од Белград повторно се отвора темата за „Голема Албанија“.

„Не ни е потребна ‘Голема Албанија’ за да застанеме зад Косово“, порача Рама, нагласувајќи дека Албанија нема територијални претензии кон Србија.

Според него, Косово има свои институции и право самостојно да одлучува за својата иднина, а Албанија ќе продолжи да го поддржува. Рама притоа порача дека Србија го изгубила Косово и дека територијата и природните ресурси на Косово не можат да се сметаат за ресурси на Србија.

Албанскиот премиер се осврна и директно на Ибар, оценувајќи дека станува збор за прекуграничен воден систем и дека одлука на Србија која би имала последици врз Косово не може да се третира исклучиво како внатрешно прашање.

Ист став претходно соопшти и албанското Министерство за Европа и надворешни работи. Оттаму предупредија дека секоја интервенција што може да влијае врз количината или квалитетот на водата што стигнува до Косово треба да биде предмет на процена на прекуграничното влијание и консултации со засегнатата страна. Министерството потсети и дека Србија е страна на Конвенцијата на UNECE за прекугранични водотеци.

Рама истовремено нагласи дека правата, безбедноста, имотот, јазикот и културното и верското наследство на српската заедница на Косово мора да бидат заштитени.

Според него, иднината на регионот треба да биде во Европа и границите со текот на времето да стануваат помалку важни, но предуслов за тоа е најпрво да се прифатат постојните граници.

Полемиката меѓу Тирана и Белград така од прашањето за реката Ибар прерасна во нов спор околу статусот на Косово, тема за која позициите на Србија и Албанија остануваат целосно спротивставени.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?