Климатолог предупредува дека ова можеби е најстуденото лето во следните 300 години

Климатологот и метеоролог Андреас Јегер предупредува дека летото 2026 година можеби ќе остане запаметено како едно од најстудените во следните неколку века. Изјавата не значи дека ова лето е студено, туку дека климатските промени носат сè почести и поинтензивни топлотни бранови, па идните лета би можеле да бидат уште потопли.

Јегер, кој за австриски медиуми говорел за климатските промени и екстремните временски услови, оценува дека денешните температури може да станат нова нормалност. Според него, климатските промени не се привремена појава, туку процес што веќе значително ги менува временските услови во Европа.

Ова лето во повеќе делови од Европа беше обележано со серија топлотни бранови, високи температури, суша, но и силни невремиња и обилни врнежи. Во Франција, на пример, летото донесе повеќе топлотни бранови, а температурите на повеќе места надминаа 40 степени Целзиусови.

И во Германија 2026 година се бележат исклучително високи температури, а метеоролозите предупредуваат дека сезоната се движи кон рекордни вредности. Според германски метеоролошки анализи, летото е на пат да биде меѓу најтоплите откако се водат мерења.

Зад предупредувањата стои поширокиот тренд на глобално затоплување. Податоците на Беркикли Ер покажуваат дека јуни 2026 година бил вториот најтопол јуни во глобалната историја на мерењата, со просечна глобална температура околу 1,49 степени над прединдустрискиот просек.

И прогнозите за целата 2026 година укажуваат на продолжување на периодот со исклучително високи глобални температури. Британската метеоролошка служба уште пред почетокот на годината прогнозираше дека просечната глобална температура во 2026 година ќе биде околу 1,46 степени над прединдустриското ниво.

Експертите истакнуваат дека последиците од ваквиот тренд не се ограничуваат само на температурите. Почестите топлотни бранови влијаат врз здравјето на луѓето, земјоделството, водоснабдувањето, енергетскиот систем и екосистемите.

Истовремено, климатските промени придонесуваат и за поголеми екстреми во другата насока, со интензивни врнежи, поплави и силни невремиња. Токму комбинацијата на различни екстремни временски појави го прави летото 2026 година особено значајно за климатолозите.

Изјавата дека ова може да биде „најстуденото лето во следните 300 години“ затоа треба да се разбере како предупредување за идниот тренд, а не како прогноза дека температурите ќе се намалуваат. Напротив, пораката е дека доколку затоплувањето продолжи, просечното лето во иднина може да биде значително потопло од денешното.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?