Мир или „немир“ – Македонија како држава по Охридскиот рамковен договор

Охридскиот

Во 2001 година настаните не ги следев од телевизија. Бев директен учесник во нив, во двете мои улоги. Веројатно тоа ми дава право, дваесет и пет години подоцна, сосема мирно да кажам нешто што можеби нема да им се допадне ниту на оние што Охридскиот рамковен договор го претворија во политичка догма, ниту на оние што би сакале целосно да го негираат.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Во 2001 година веќе година и пол бев новинар, на самиот почеток од мојата медиумска кариера. Но околностите беа такви што станав и директен учесник во конфликтот. Нема да пишувам за двојството во изборите што тогаш ги правев, но факт е дека четири месеци бев офицер во АРМ, како поранешен питомец на Школата за резервни офицери, и водев чета на АРМ на просторот од Долно Блаце кон Косово. Крајот на конфликтот го дочекав како репортер во мојата матична телевизија Канал 5.

Овој вовед е само за да укажам дека настаните во 2001 година не ги следев од телевизија. Бев директен учесник во нив, во двете мои улоги. Веројатно тоа ми дава право, дваесет и пет години подоцна, сосема мирно да кажам нешто што можеби нема да им се допадне ниту на оние што Охридскиот рамковен договор го претворија во политичка догма, ниту на оние што би сакале целосно да го негираат.

Најголемиот, најважниот и, според мене, единствениот целосно неспорен успех на Охридскиот рамковен договор е мирот. И тоа воопшто не е мал успех.

Договорот го прекина вооружениот конфликт, создаде политички механизам преку кој спротивставените страни можеа да продолжат да живеат во една држава и ја спречи Македонија да влезе во спирала на долготрајна војна, чии последици тешко можеше да ги предвиди кој било во август 2001 година.

Но мирот и функционалната држава не се иста работа.

Што всушност се случи во 2001 година?

Пред да зборуваме за Охрид, мораме да одговориме на прашањето што никогаш вистински не го расчистивме: што всушност беше конфликтот во 2001 година?

Не беше класична меѓудржавна војна. Македонија не војуваше против друга меѓународно призната држава. Но не беше ниту целосно изолиран внатрешен бунт без надворешна димензија. Косовската војна штотуку беше завршена, границата беше порозна и постоеја реални прекугранични врски, логистика, вооружување, борци и структури поврзани со Косово и поширокиот регион.

Истовремено, конфликтот не може да се сведе ниту на едноставна приказна за група луѓе што дошле однадвор и ја нападнале Македонија. Во вооружените формации учествуваа и граѓани на Република Македонија од албанска етничка припадност. Постоеше локална регрутација, локална поддршка и значителна мобилизација во делови од албанското население.

Затоа, ако денес се обидеме да го погледнеме конфликтот објективно, веројатно најблиску до реалноста е следнава дефиниција:

Во 2001 година Македонија се наоѓаше на почетокот на граѓанска војна со силна регионална и прекугранична компонента.

На македонската страна не постоеше масовна етничка мобилизација споредлива со онаа кај Албанците. Во најголем дел војуваа институциите на државата – Армијата и полицијата.

Кај етничките Албанци, пак, постоеше вооружена организација надвор од институциите, локална регрутација и повисок степен на етничка мобилизација.

Доколку војната продолжеше, прашање е колку долго таа разлика ќе опстоеше. Со растот на бројот на жртвите, раселените, нападите врз населени места и меѓуетничките инциденти ќе растеше и веројатноста етничките Македонци да почнат да се организираат надвор од редовните институции.

Тогаш Македонија ќе ја преминеше границата што во 2001 година само ја допре: од вооружен конфликт меѓу државата и етнички организирана вооружена формација во вистинска етничка граѓанска војна.

Охридскиот договор го прекина тој процес.

Победници и поразени

Во целиот тој сплет на воени, политички и трагични околности, Охридскиот договор остави едно прашање без одговор: кој победил, а кој изгубил?

Веќе 25 години како држава имаме две речиси паралелни колективни мемории за истите настани.

Кај голем дел од етничките Македонци остана чувството дека државата во 2001 година не била воено поразена, а сепак била принудена да прифати политички услови како да била поразена. Оттаму произлегува една од најдлабоките фрустрации поврзани со Охридскиот договор: чувството на капитулација без воен пораз.

Во македонскиот историски наратив силно е присутна тезата дека Република Македонија била нападната од вооружени структури чија логистичка, кадровска и воена заднина во значителен дел се наоѓала надвор од државата, пред сè на Косово и во пошироките структури создадени по косовската војна.

Од тоа произлегува реченицата што во различни форми ја слушаме веќе четврт век:

„Не нè победија. Не ни дозволија да победиме.“

Според оваа интерпретација, меѓународната заедница го запрела македонскиот безбедносен апарат наместо да му дозволи воено да го порази вооружениот противник, а потоа Македонија, под силен меѓународен притисок, прифатила политички промени што не биле освоени на бојното поле.

Без разлика колку оваа интерпретација целосно одговара на историската реалност, нејзиното постоење е политички факт. Преку неа значаен дел од етничките Македонци го читаат Охридскиот договор до денес.

Кај етничките Албанци постои суштински различна меморија на истиот конфликт.

Таму 2001 година многу почесто се интерпретира како внатрешен конфликт – борба на граѓани на Македонија кои со оружје им се спротивставиле на институциите на сопствената држава поради политичка и етничка нерамноправност.

Во тој наратив Охридскиот договор не е капитулација. Тој е политичка победа.

Оттука произлегува и триумфалистичкиот елемент што периодично се појавува во одбележувањето на 2001 година: конфликтот се претставува како успешна борба која довела до политички, уставни и институционални промени што претходно не можеле да бидат постигнати.

Тука останува да виси една од најопасните недовршени работи од Охрид. Мнозинството етнички Македонци живеат со чувството дека потпишале капитулација иако не биле воено поразена, а другата страна го доживува истиот договор како потврда дека нејзината вооружена борба била успешна.

Тешко е од две такви мемории да се изгради една заедничка приказна за државата. Всушност не е тешко туку е невозможно.

Во мојот обид да бидам објективен, иако тоа воопшто не е лесно, би ја поставил тезата дека во 2001 година немаше воен победник.

АРМ не капитулираше. Македонската полиција не капитулираше. ОНА не ја освои Македонија, ниту ја порази македонската држава.

Но невозможно е да се тврди и дека вооружениот конфликт немаше политички резултат. По него следуваа крупни уставни, законски и институционални промени кои во значителна мера се совпаѓаа со барањата на албанскиот политички корпус.

Токму оваа противречност ја произведува траумата што ја носиме 25 години:

Немаше воен победник, но имаше политички исход.

А кога нема воен победник, но една страна го доживува политичкиот исход како своја победа, другата речиси неизбежно почнува истиот исход да го чувствува како свој пораз.

Можеби токму затоа Охридскиот рамковен договор никогаш не успеа целосно да стане заеднички македонски договор.

Што всушност создаде Охрид?

Политичкиот систем создаден по 2001 година содржи силни елементи на она што политичката наука го нарекува консоцијална демократија, односно институционализирано споделување на политичката моќ меѓу различни заедници.

Логиката е разбирлива. Кога едно општество е длабоко поделено и кога принципот „мнозинството одлучува“ може да произведе трајна доминација на една заедница врз друга, се создаваат дополнителни механизми на заштита.

Одредени одлуки не можат да се донесат само со просто парламентарно мнозинство. Се воведува правична застапеност, се проширува употребата на јазиците, се децентрализира државата, а за определени прашања се бара двојно мнозинство. Помалата заедница добива гаранции дека мнозинството нема едноставно да ја надгласа.

Целта е јасна: ниту една голема заедница да не почувствува дека другата може политички да ја прегази.

Тоа е важен механизам за спречување нов конфликт. Но има цена.

Консоцијалниот систем по својата природа не ја оптимизира државата првенствено за ефикасност, туку за стабилност. Неговата прва задача е различните групи да имаат гаранции дека нема да бидат исклучени од институциите.

Тука започнува тензијата меѓу мирот и функционалноста. Кога етничката припадност станува критериум за распределба на работни места и функции, мерит-системот се судира со системот на квоти. Кога согласноста меѓу претставниците на заедниците е предуслов за одлучување, механизмот создаден за компромис може да стане механизам за блокада.

А кога политичките партии стануваат речиси ексклузивни посредници меѓу етничката заедница и државата, граѓанинот постепено престанува да биде само граѓанин и станува припадник на политичко-етничка квота.

Тоа не е македонски изум. Тоа е структурен ризик на консоцијалните системи.

Што се случува кога ќе се наруши балансот?

Консоцијацијата може да функционира само додека постои рамнотежа на моќта.

Не математичка еднаквост и не пресметување на секоја институција до последната децимала. Суштината е ниту една страна да не добие политичка моќ толку несразмерна со нејзиниот демократски легитимитет што другата ќе почне да чувствува дека нејзината политичка волја повеќе нема значење.

Според мене, токму оваа рамнотежа беше сериозно нарушена во Македонија во периодот од 2017 до 2024 година. ДУИ, благодарение на структурата на парламентарните мнозинства и својата позиција како неопходен партнер за формирање влада, стекна политичка и институционална моќ несразмерна со нејзината реална изборна тежина на национално ниво.

Проблемот не е колку министри, директори или други функционери имала една партија. Проблемот настанува кога мнозинската етничка заедница почнува да верува дека нејзината демократска волја не е доволна за промена на политиката затоа што значително помал политички актер располага со непропорционално голема моќ на одлучување.

Тогаш механизмот создаден да го спречи чувството на мајоризација кај малцинството почнува да произведува чувство на мајоризација кај мнозинството.

Тука се нарушува самата логика на Охрид. Основната идеја не беше едната етничка доминација да биде заменета со друга. Идејата беше никој да не доминира.

Ако системот создаден да го намалува етничкиот револт почне да произведува нов етнички револт, проблемот повеќе не е само во политичките партии. Проблемот е и во начинот на кој функционира системот.

Швајцарија, Белгија, Босна, Либан – зошто некаде функционира?

Македонија не е единствената држава со ваков систем. Швајцарија и Белгија се успешни примери на споделување на власта меѓу различни заедници. Австрија историски разви слична традиција на политичко договарање, додека Босна и Херцеговина по Дејтон е пример за другата крајност – систем во кој механизмите создадени да спречат доминација истовремено овозможуваат постојана блокада.

Зошто едните функционираат, а другите не?

Дел од одговорот е политичката култура, традицијата на компромис, владеењето на правото и силните институции. Но има уште еден фактор за кој поретко се зборува: парите.

Богатите држави полесно ја плаќаат цената на сложените институции, дуплираната администрација и политичките компромиси. Во сиромашните држави истиот систем многу полесно се претвора во борба за работно место, директорска функција, тендер или дел од буџетот.

Можеби богатите консоцијации не ги решиле сите свои историски противречности. Едноставно можат да си дозволат тие противречности да не ја парализираат државата.

Крајниот пример е Либан, каде политичката моќ со децении се распределува меѓу верските заедници. Системот обезбедува застапеност, но произведува и хронични блокади. Во 2023 година политичкиот спор околу летното сметање на времето стигна до апсурд: неколку дена различни институции во Бејрут функционираа според две различни часовни времиња. Или сите живеат во иста држава, а на крајот не живеат ни во исто време.

Македонија не е Либан. Не е ниту Босна. Но не е ни Швајцарија.

Ние сме некаде помеѓу успешната консоцијација и нејзината дисфункционална варијанта.

Затоа, 25 години по Охрид, треба да престанеме да го третираме Рамковниот договор како света книга која може само да се слави или да се напаѓа. Треба да го оценуваме според резултатите.

А првиот и најважен резултат е дека имаме мир. Македонци и Албанци не пукаат едни во други. Политичките конфликти се решаваат во институциите и на избори. Цела генерација порасна без војна.

За мене лично, како човек кој во 2001 година бил во униформа, тоа никогаш нема да биде мала работа.

Но време е за втората фаза на Охрид.

Да го зачуваме мирот и да престанеме да ја организираме државата како војната да завршила вчера.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?