Трамп му прави отстапка на Ким: Бара драстично кратење на воените вежби со Јужна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на Пентагон значително да го намали обемот на заедничките воени вежби со Јужна Кореја, само неколку часа пред почетокот на една од најголемите годишни воени операции на Корејскиот Полуостров. Трамп повторно оцени дека маневрите се прескапи и испраќаат непотребно непријателска порака кон Северна Кореја.

Станува збор за вежбата „Ulchi Freedom Shield“, која почна денеска, 17 август, и треба да трае до 27 август. Во неа се вклучени околу 18.000 јужнокорејски војници, а сценаријата годинава опфаќаат одбрана од беспилотни летала, попречување на GPS-сигналот и сајбернапади.

Трамп на својата мрежа Truth Social напиша дека не е задоволен што САД се согласиле да учествуваат во вежбите и повторно го нагласи својот „многу добар однос“ со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Според Трамп, ваквите маневри не само што чинат многу, туку кон Северна Кореја испраќаат сигнал кој тој го смета за несоодветен и непријателски. Неговиот став практично ја враќа политиката што ја водеше уште во 2018 година, кога по средбата со Ким во Сингапур ги суспендираше дел од големите американско-јужнокорејски воени вежби.

Овојпат, сепак, зад одлуката има и дополнителна политичка причина. Трамп го критикува Сеул поради тоа што Јужна Кореја не се приклучила на американските активности против Иран. Јужнокорејските власти одговорија дека потенцијалниот воен придонес сè уште се разгледува, имајќи ги предвид безбедносната состојба на Корејскиот Полуостров и домашните законски процедури.

И покрај најавата од Вашингтон, вежбите утрово почнаа според планот. Јужнокорејскиот претседателски кабинет соопшти дека ја разгледува изјавата на Трамп и дека Сеул и Вашингтон ќе продолжат да се координираат околу заедничката одбранбена позиција.

Потегот доаѓа во момент на ново зголемување на тензиите со Пјонгјанг. Северна Кореја минатата недела истрела балистичка ракета кон морето источно од Корејскиот Полуостров, второ лансирање од истата област за помалку од една недела. Пјонгјанг традиционално ги смета американско-јужнокорејските вежби за подготовка за напад.

Само неколку дена подоцна Северна Кореја ги осуди овогодишните маневри како уште попровокативни од претходните и предупреди дека ќе го засили сопственото нуклеарно одвраќање. Пјонгјанг истовремено ја обвини воената соработка меѓу САД, Јужна Кореја и Јапонија дека постепено се претвора во „нуклеарен сојуз“.

На Корејскиот Полуостров се распоредени околу 28.500 американски војници. Трамп и во претходниот мандат повеќепати го отвораше прашањето за трошоците за нивното присуство и бараше Сеул да преземе поголем дел од финансискиот товар.

Новата наредба на Трамп затоа може да има пошироко значење од едноставно кратење на една воена вежба. Таа повторно го отвора прашањето дали Вашингтон подготвува нов дипломатски обид кон Ким Џонг-ун и дали намалувањето на воените активности ќе биде првиот сигнал кон Пјонгјанг за враќање на преговарачка маса.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?