Капибарата Капи влезе во трката за маскота на Евровизија 2027 во Бургас

Капибарата Капи е новиот кандидат за маскота на Евровизија 2027, која следниот мај ќе се одржи во Бургас. Предлогот доаѓа од Зоолошката градина во Бургас, каде што сметаат дека едно од најпопуларните животни на социјалните мрежи би можело да стане препознатлив симбол на музичкиот спектакл.

Иако капибарата нема никаква природна врска со бугарското Црноморие, од зоолошката градина велат дека токму нејзината глобална популарност е предност. Животното со потекло од Јужна Америка во последните години стана вистински интернет феномен, со милиони видеа, песни, играчки и сувенири инспирирани од неговиот лик.

Предложената маскота го носи името Капи, а е претставена со мотото „Капи – спокојство, шарм, Евровизија“. Според иницијаторите, капибарата симболизира смиреност, пријателство, добродушност и прифаќање, вредности кои тие ги поврзуваат со идејата на Евровизија преку музиката да обединува различни држави, култури и луѓе.

Но Капи веќе има конкуренција.

Само неколку дена претходно Државниот куклен театар во Бургас предложи локалниот галеб да стане официјална маскота под името „Еврогларус“. Идејата се потпира на далеку попрепознатлив симбол на морскиот град, а со двата предлога веќе започна и неформална трка за тоа кој лик ќе ги пречекува европските музички ѕвезди и илјадниците фанови.

Бургас официјално е избран за домаќин на Евровизија 2027, а подготовките веќе почнаа. Главното шоу ќе се одржи во „Арена Бургас“, каде што денеска беа вршени и нови теренски проверки за сцената, телевизиската техника и придружната инфраструктура.

Градот веќе работи на просторот околу арената, а во организацијата се разгледуваат и дополнителни локации низ Бургас и околината. Островот Света Анастасија, на пример, се подготвува како потенцијално место за придружни настани, работилници и забави за учесниците и гостите на конкурсот.

Евровизиската еуфорија во Бургас започна по историската победа на ДАРА, по која Бугарија го доби правото да биде домаќин на натпреварувањето во 2027 година. Бургас во финалната фаза ја победи Софија во изборот за град домаќин, а подготовките се насочени кон мај следната година.

Дали посетителите на Евровизија ќе ги пречекува мирната капибара Капи или морскиот „Еврогларус“, засега не е решено. И двата лика во моментов се само предлози, а официјална маскота се уште не е избрана.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?