Медитеранските игри повеќе од седум децении претставуваат една од најголемите спортски манифестации во регионот, обединувајќи земји од трите континенти што го опкружуваат Средоземното Море. Идејата започнала по Втората светска војна, со цел спортот да стане простор за пријателство, соработка и поврзување меѓу различни народи.
Идејата за организирање Медитерански игри ја предложил Египќанецот Мохамед Тахер Паша, тогашен претседател на Египетскиот олимписки комитет и потпретседател на Меѓународниот олимписки комитет. Проектот бил претставен во 1948 година на Олимписките игри во Лондон, во период кога светот сè уште бил оптоварен со политички тензии и поделби.
Првите официјални Медитерански игри се одржале во Александрија, Египет, во 1951 година. На нив учествувале 10 земји, 734 спортисти и биле застапени 13 спортови. Оттогаш, манифестацијата постепено растела и денес опфаќа десетици спортови и илјадници натпреварувачи.
Посебноста на игрите е токму во нивната географска и културна широчина. Средоземното Море ги поврзува Европа, Африка и Азија, а симболот на Медитеранските игри со трите прстени е создаден токму како претстава за овие три континенти.
Во 1955 година домаќин била Барселона, во 1959 година игрите се одржале во Бејрут, а со тоа во првите три изданија симболично биле опфатени сите три континенти. Подоцна домаќини биле градови од различни делови на Средоземјето, меѓу кои Неапол, Тунис, Измир, Алжир, Сплит, Атина, Пескара и Тарагона.
Медитеранските игри имаат и своја важна историја во поранешна Југославија. Сплит беше домаќин во 1979 година, а токму тоа издание оставило силен печат и во визуелниот идентитет на игрите. Тогаш бил создаден логотипот со трите прстени што и денес го претставува медитеранското спортско движење.
Во текот на годините се менувал и бројот на учесници, но и опфатот на спортовите. Жените првпат учествувале на Медитеранските игри во 1967 година во Тунис, што претставувало значаен чекор во развојот на натпреварувањето.
Организацијата на игрите денес ја координира Меѓународниот комитет на Медитеранските игри, основан во 1961 година во Атина. Комитетот денес обединува 26 национални олимписки комитети од земји на Средоземниот регион.
Медитеранските игри се одржуваат на секои четири години и се сметаат за најзначаен повеќеспортски настан во медитеранскиот регион по Олимписките игри. Покрај спортскиот натпревар, нивната цел е да ги зајакнат пријателството, дијалогот, соработката и солидарноста меѓу младите спортисти од различни земји.
Следното големо издание е закажано во Таранто, Италија, од 21 август до 3 септември 2026 година. На 20. Медитерански игри се очекуваат околу 5.000 спортисти од 26 земји, кои ќе се натпреваруваат во 32 спортови.
Така, манифестацијата која започнала во Александрија пред 75 години продолжува да ја исполнува својата првична идеја: преку спортот да се создаде простор каде што различните јазици, култури и традиции не се пречка, туку дел од заедничката медитеранска приказна.
