Светот ја препозна храброста на Јован, момчето што спаси 21 живот во „Пулс“

Светот ја препозна храброста на Јован Костадинов, младиот човек од Виница кој во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани спаси 21 живот. Тој е меѓу 16 млади луѓе од светот избрани за добитници на меѓународната награда „Младинска храброст 2026“, која ќе му биде врачена на 27 август во Стокхолм.

Приказната поради која Јован денес добива меѓународно признание започна во ноќта на 16 март 2025 година.

Додека огнот и чадот ја зафатиле дискотеката „Пулс“, а стотици млади се обидувале да излезат од објектот, Јован не се оддалечил од опасноста.

Со мокра маица преку устата и носот, тој повеќепати се враќал во објектот и им помагал на луѓето кои останале внатре. На тој начин успеал да спаси 21 лице.

По пожарот и самиот бил хоспитализиран поради последиците од изложеноста на чадот и огнот.

Кога подоцна се вратил во своето училиште во Виница, соучениците и професорите го пречекале со аплауз и овации. Неговото име стана едно од најпрепознатливите меѓу младите кои покажаа исклучителна храброст во најтешките моменти од трагедијата во Кочани.

Сега таа постапка добива признание и надвор од Македонија.

Наградата „Младинска храброст“ ја доделува Академијата „Раул Валенберг“ во соработка со Шведскиот институт и шведските дипломатски претставништва.

Признанието е наменето за млади луѓе на возраст од 13 до 20 години кои преку конкретна постапка покажале граѓанска и морална храброст и помогнале на други луѓе во тешки околности.

За 2026 година се избрани 16 млади добитници од 15 земји. Меѓу нив е и Јован Костадинов од Македонија.

Шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Солстром, веќе се сретна со Јован и му честиташе за признанието. Од Амбасадата на Шведска неговата постапка беше посочена како пример за вистинска морална храброст.

Добитниците ќе престојуваат во Шведска од 25 до 28 август, а наградите ќе бидат врачени на 27 август во Стокхолм, на Денот на Раул Валенберг.

Предвидено е младите да учествуваат и во едукативна програма посветена на животот и делото на шведскиот дипломат и хуманитарец Раул Валенберг, познат по спасувањето илјадници Евреи за време на Втората светска војна.

За Јован признанието доаѓа повеќе од една година по ноќта во која, наместо да се оддалечи од огнот, се враќал назад за да извлекува луѓе.

Дваесет и еден од нив преживеале благодарение и на неговата реакција.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?