Необична и за многумина непријатна слика денеска доаѓа од хрватското крајбрежје. Во морето во близина на Ровињ се забележани голем број медузи, а снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат дека на одредени места ги има непосредно под површината и во близина на брегот.
Според сведоштвата што ги пренесуваат локалните медиуми, на дел од локациите концентрацијата е толку голема што капачите тешко можат да влезат во вода без да им се приближат. Медузите се забележуваат и подалеку од брегот, па за дел од туристите нормалното пливање практично станало невозможно.
Ова не е првпат годинава западниот брег на Истра да се соочува со поголема појава на медузи. Уште на крајот на мај хрватските експерти предупредуваа на зголемено присуство на медузи кај Ровињ и Пула, меѓу кои и компасната медуза, вид чии пипала можат да предизвикаат болна реакција, црвенило и оток при контакт со кожата.
Истражувачите тогаш како еден од факторите ги посочуваа високите температури на морето и условите кои им погодуваат на желатинозните организми. Центарот за истражување на морето во Ровињ предупредуваше и дека годинава може повторно да има силна сезона на реброноши, инвазивни организми кои на прв поглед личат на медузи, но не се опасни за луѓето.
Засега нема официјална потврда кој вид доминира во најновата појава снимена кај Ровињ, па не може да се тврди дека сите забележани единки се опасни за капачите.
Сепак, експертите советуваат медузите да не се допираат, дури и кога изгледаат мртви или оштетени. Од Центарот за истражување на морето при Институтот „Руѓер Бошковиќ“ претходно предупредија дека и распаднатите делови од телото можат да содржат активни жарни клетки.
Доколку дојде до контакт, погоденото место треба да се исплакне со морска вода, а евентуалните остатоци од пипала внимателно да се отстранат. Не се препорачува плакнење со вода од чешма или со флаширана слатка вода, ниту триење на кожата, бидејќи тоа може дополнително да ја влоши реакцијата.
Појавата доаѓа во самиот врв на туристичката сезона, кога Ровињ и западна Истра се полни со туристи, па големиот број медузи веднаш привлече внимание и на локалните жители и на туристите кои летуваат на Јадранот.
