130 срца за едно знаме: Македонија со најголемата делегација досега на Таранто 2026

„130 не е само број. Тоа се 130 наши приказни, 130 соништа, 130 срца кои ќе чукаат за едно знаме.“

Со оваа порака Македонскиот олимписки комитет ја најави македонската делегација за Медитеранските игри Таранто 2026, каде Македонија ќе има најмасовно присуство досега на ова големо мултиспортско натпреварување.

Македонскиот тим брои околу 130 учесници и ќе настапи во 19 различни спортови. Дека станува збор за најбројната македонска делегација досега претходно беше потврдено и при официјалната презентација на Игрите во Скопје, во организација на Италијанската амбасада.

Од пливање и атлетика, преку борење и таеквондо, до ракомет и одбојка, македонските спортисти ќе ја носат истата ознака на градите и ќе настапуваат под истото знаме.

„Од 19 различни спортови до една Македонија“, порача МОК во пресрет на заминувањето за Италија.

Дваесеттите Медитерански игри ќе се одржат од 21 август до 3 септември во Таранто и повеќе градови во италијанската област Апулија. Се очекуваат над 4.000 спортисти од 26 земји, кои ќе се натпреваруваат во 33 спортски дисциплини.

За Македонија, сепак, бројката 130 има посебна тежина. Не само затоа што станува збор за историски најголема делегација, туку и затоа што зад секој настап стојат години тренинг, повреди, рани утра, патувања, натпревари и лични откажувања за да се стигне до моментот кога на меѓународната сцена ќе се облече македонскиот дрес.

МОК токму на тоа ја темели пораката пред почетокот на Игрите:

„Во Таранто нема да бидат сами. Со нив ќе бидеме сите ние.“

За секој поен, секоја секунда, секој погодок, секоја борба и секој медал.

Медитеранските игри се едно од најголемите мултиспортски натпреварувања на кое редовно настапува Македонија, а Таранто 2026 ќе има и широка телевизиска и дигитална покриеност. Европската радиодифузна унија обезбеди права за пренос на натпреварите, а содржините ќе бидат достапни и преку Eurovision Sport.

Македонската делегација заминува со различни амбиции и различни спортски приказни, но под едно знаме.

130 наши. Една Македонија. Еден тим.

Како што порача МОК:

„Кога играат нашите, навиваме сите.“

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?