Синхроницитети на стариот мост во Мостар и (не)поделбата на Македонија во 2001

Македонија
Британски војник ги чува борците на ОНА, кои предаваат оружје во близина на Тетово, по конфликтот, во август 2001 година. Фото: ЕПА/Ројтерс ПУЛ/Питер Ендрус

Синхроницитет е поим што го воведува Карл Густав Јунг за навидум случајни совпаѓања на настани кои немаат причинско-последична врска, но за човекот што ги доживува носат силно и лично значење.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Минатата недела напишав колумна за моите размислувања во врска со Охридскиот рамковен договор. Во неа делумно пишував и за себе или каде бев, што правев и како ја доживеав 2001 година.

Деновиве гледам дека дебатата за настаните од 2001 година, по речиси четврт век, добива една специфична димензија која, да се изразам културно, многу ме нервира. Иако, искрено, многу повеќе ми доаѓа да се изразам прилично некултурно.

Повторно се отвора темата за идејата за територијална поделба на Македонија која тогаш прво ја објави еден дневен весник, а потоа и срамежливо ја повторуваа дел од политичките актери. И како што сега зборуваат дел од тогашните актери, се разбира не толку срамежливо повеќе станува сè појасно дека не било идеја на двајца-тројца луѓе туку концепт за кој сериозно се разговарало во самиот политички и интелектуален врв на државата.

Во сведоштвата на Љубчо Георгиевски се појавуваат тогашниот претседател Борис Трајковски, претседателот на Собранието Стојан Андов и Доста Димовска. Георгиевски тврди дека Трајковски бил запознаен и имал афирмативен став кон идејата, исто како Андов и Димовска. За Бранко Црвенковски е повнимателен и вели дека мисли дека Трајковски разговарал и со него.

Паралелно, според Георгиевски, за речиси идентична идеја се разговарало и во МАНУ. Тој сведочи за средба со тогашниот претседател на Академијата Ѓорги Ефремов и академиците Георги Старделов и Блаже Ристовски. Според неговото сведоштво, Ефремов останал доследен поддржувач на концептот, додека Старделов и Ристовски подоцна се повлекле од таа дискусија.

Георгиевски денес не сака тоа да го нарекува класична поделба, туку „трампа на територии и население“. Но кога ќе ја тргнеме семантиката настрана, станува збор за нешто прилично конкретно: Македонија требало да се откаже од Тетово, Гостивар и Дебар, со одредени околни села, но не и од Кичево, Струга, Скопско и Кумановско. За возврат требало да добие помала територија од Албанија во регионот на Преспа, а целата операција требало да биде проследена и со преселување население.

Арбен Џафери е човекот на кого, според Георгиевски, тој лично му ја образложил идејата. Џафери наводно му рекол дека можеби станува збор за решение, дека треба да разговара со други, а десетина дена подоцна му соопштил дека разговорот не може да продолжи.

Али Ахмети деновиве практично потврдува дека предлогот постоел, но дава уште пострашна димензија на целата приказна. Според неговата проценка, реализацијата би значела дека околу 260.000 Албанци и 60.000 Македонци би морале да ги напуштат своите домови. Ахмети вели дека тој ја отфрлил идејата токму затоа што Охридскиот договор бил подоброто решение: алтернативата значела војна за територии, многу поголеми судири и многу повеќе мртви.

И сега доаѓаме на теренот на синхроницитетите.

Пишувајќи го сето ова, повторно сфаќам дека сум спизден и овојпат не ми извинувајте на моментот на некултура. Не треба и воопшто не ми смета.

И баш тогаш, како што тоа знаат да го направат алгоритмите на социјалните мрежи, на Фејсбук ми се појавува една снимка од друг тажен, трагичен и историски ден. Мостар, 1993 година. Снимка како го рушат Стариот мост.

Снимката што повторно кружи по социјалните мрежи е дел од материјал што стана јавно познат во 2023 година. Снимена е од положбите на Хрватската војска на ридот Хум. Камерата го следи Стариот мост, а според Центарот за мир и мултиетничка соработка и Единствената организација на борците на Мостар, на материјалот се следат траекториите на повеќе од педесет проектили испукани од тенк на ХВО од положбата Стотина.

На снимката се слушаат гласови на војниците кои го гранатираат мостот и кои ги следат погодоците, коментираат, навиваат. По ударите има задоволство. Се слуша и „бежи, Балија“, а во еден момент и проценката дека му треба уште малку на мостот за да падне.

Токму гласовите ме интересираа да направам истражување за луѓето зад овие гласови.

Кој седи во тенкот? Кој ја става гранатата? Кој нишани? Кој го притиска механизмот? Кој гледа како четиривековниот мост го погодува неговиот проектил? И, можеби уште повеќе – кои се тие луѓе триесет години подоцна?

Информациите се следниве:

Во транскриптите од судењето Prlić et al. пред Хашкиот трибунал се наведуваат тројца членови на тенковската посада: Томо Топиќ, Драган Резиќ и Сенаид Чавчиќ (оригинал транскрипција латинично – Tomo Topić, Dragan Rezić и Senaid Čavčić). Судот во Хаг забележува и дека тројцата биле сослушани од нивните истражители.

Истрага против нив била отворена уште на 23 ноември 1993 година од Окружното воено обвинителство во Мостар. Според документите што подоцна излегле во јавност, сомневањето било дека, без наредба од одговорен командант, самостојно испукале гранати кон силите на Армијата на БиХ, од кои дел го погодиле Стариот мост. Снимката која ја имате како составен дел од текстов укажува дека ова не е точно и дека тие директно го гаѓаат мостот.

Томо бил роден во 1963 година во Широки Бријег. Во моментот на рушењето на мостот имал триесет години. Дражен бил роден во 1969 година во Широки Бријег и имал дваесет и четири.

Третиот е најинтересен, Сенаид Чавчиќ.

Роден во Рогатица во 1970 година и етнички Бошњак. Во моментот кога паднал Стариот мост имал само дваесет и три години. Подоцна го сменил името и станал Младен Човчиќ.

Неговиот животен пат е речиси невозможен да се вклопи во едноставната етничка приказна за босанската војна. Во почетокот на војната се поврзува со Сараево и единицата на Јусуф „Јука“ Празина. Подоцна се појавува во Мостар и во ХВО, а во ноември 1993 неговото име се наоѓа меѓу тројцата членови на тенковската посада против која самите структури на ХВО отвораат истрага по рушењето на Стариот мост.

Многу години подоцна повторно се појавува пред суд, овојпат во сосема друг предмет – за случајот „Велики парк“ во Сараево од 1992 година. Во тој предмет е обвинет заедно со Драган Викиќ, Јусуф Пушина и Нермин Узуновиќ. Важно е да се каже до крај: сите се правосилно ослободени.

За Резиќ постои шпекулативна непотврдена информација дека загинал во сообраќајна несреќа во Италија, за Топиќ не постои никаква трагата  ниту јавен податок каде е денес, ниту дали е жив.

А Младен Човчиќ или екс Сенаид Чавчиќ ?

Според одредени новинарски текстови, останал да живее во Мостар. Постојат дури и новинарски сведоштва дека може да се сретне во градските кафеани, во градот во кој Стариот мост повторно стои.

Чесно е да кажеме дека истрагата против нив не дала јавно познат судски епилог. Нивните имиња се појавуваат како членови на тенковската бригада и против нив имало истрага.

Хашкиот трибунал утврди дека во текот на 8 ноември 1993 година тенк на ХВО од Стотина го гаѓал Стариот мост. До вечерта мостот бил практично неупотреблив и пред уривање. Следното утро гранатирањето продолжило и мостот паднал. Апелациската пресуда ја остава отворена можноста дека кон конечниот колапс придонела и експлозија, но масивното оштетување од тенковското гранатирање не е спорно.

И, така нема ниту податок дека некој се покајал од нив.

Ако е точно дека еден од нив и тоа Младен Човчиќ и денес живее во Мостар, мене ми е речиси неверојатно дека три децении подоцна никој не седнал спроти него, не го погледнал в очи и не му го поставил наједноставното прашање на светот:

Зошто?

И тука повторно се враќаме на синхроницитетите. Во мај годинава ја издадов мојата втора книга „Во Акрата нема мостови“ и во неа има приказна во која главниот лик скока од мостот токму во Мостар. Мостар и мостот не се декор во приказната тие се длабоко поврзани со неговиот живот. А на крајот во таа приказна се појавуваат два лика кои носат нешто што мене очигледно ме прогонува многу подолго отколку што сум бил свесен додека сум пишувал.

Каење за она што се случило. И внимавајте едниот од тие ликови во мојата книга се  вика – Младен.

Кој би рекол. Јунг веројатно би се насмевнал. Но, мојот Младен покажува каење.

И тогаш сфаќам дека можеби сите овие синхроницитети ме водат назад кон она од што тргнав.

Македонија, 2001 година.

Јас дваесет и пет години чекам некој да покаже каење за самата помисла дека оваа земја можела да се исече на парчиња и стотици илјади луѓе да бидат поместени од своите домови затоа што некој нацртал линија на карта.

Чекам некој од луѓето кои тогаш ја разгледувале таа идеја денес да каже: погрешивме, беше лудо и опасно, не бевме баш добри со проценките и добро е што не го направивме.

Наместо тоа, дваесет и пет години подоцна добивам нешто сосема спротивно.

Актерите сами ја отвораат приказната. Дел од нив, се разбира, веќе не се меѓу живите и не можат да ја кажат својата страна. Но оние што зборуваат не се дистанцираат од идејата. Напротив, дел од нив и денес сметаат дека Македонија ќе била подобра ако концептот успеел.

Мостот во Мостар повторно стои. И, да сме на јасно за да се сруши една држва некој мора да помисли дека може да се сруши, некој мора таа идеја да ја прифати како „реална“, некој мора да ја стави на маса, па некој да нацрта линија.

Прашањето е само кои тројца ќе седнат во тенкот и ќе ги пукаат гранатите.

И, на крајот веројатно најстрашниот синхроницитет во целава приказна е што, дваесет и пет години подоцна, ние веќе не мора да се прашуваме кој во 2001 сакал да го урне нашиот мост.

Сега ги знаеме и имињата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?