Дигитален грабеж на знаење: Иранска мрежа навлегла во 322 универзитети и украла 31,5 терабајти податоци

Американското Министерство за правда поднесе проширено обвинение против 17 Иранци поврзани со институтот „Мабна“, кои се товарат дека стоеле зад една од најголемите кампањи за кражба на академски податоци и интелектуална сопственост. Според обвинението, нивни цели биле најмалку 322 универзитети ширум светот, десетици компании, американски државни институции, Обединетите нации и УНИЦЕФ.

Новиот обвинителен акт има 14 точки и го проширува случајот од 2018 година, кога девет лица од истата група веќе беа обвинети. Сега американските власти додаваат уште осуммина осомничени и тврдат дека ја идентификувале пошироката мрежа која стоела зад операциите.

„Мабна“ била основана околу 2013 година од Голамреза Рафатнеџад и Ехсан Мохамади. Според американските обвинители, компанијата ангажирала хакери и надворешни соработници за кражба на научни истражувања, интелектуална сопственост, електронска пошта и други заштитени податоци, а дел од операциите биле изведувани по налог на Иранската револуционерна гарда и други ирански државни и универзитетски клиенти.

Најмасовна била кампањата насочена кон академскиот сектор. Хакерите таргетирале повеќе од 100.000 профили на професори ширум светот и, според обвинението, успеале да компромитираат околу 8.000 електронски сметки.

Меѓу погодените биле 144 универзитети во САД и уште 178 во други земји, меѓу кои Германија, Велика Британија, Шведска, Канада, Австралија, Кина, Италија, Шпанија, Турција, Јужна Кореја и други држави.

Методот бил релативно едноставен, но исклучително ефикасен. Професорите добивале внимателно подготвени фишинг-пораки кои ги носеле до лажни страници што изгледале како вистинските универзитетски системи за најавување. Кога корисникот ќе ги внел своето име и лозинка, податоците завршувале кај хакерите, кои потоа добивале пристап до универзитетските библиотеки и академските бази.

Од компромитираните системи биле преземани научни списанија, докторски дисертации, магистерски трудови, електронски книги и истражувања од медицината, инженерството, природните и општествените науки. Американското Министерство за правда проценува дека биле украдени најмалку 31,5 терабајти академски материјали и интелектуална сопственост.

Колкава била вредноста на украденото покажува и податокот дека само американските универзитети потрошиле околу 3,4 милијарди долари за легален пристап и набавка на материјалите што хакерите ги преземале без дозвола.

Дел од податоците, според обвинението, подоцна биле и продавани. Преку иранските веб-страници Megapaper.ir и Gigapaper.ir на клиенти во Иран им биле нудени украдени академски трудови, а во некои случаи и директен пристап до компромитирани профили на универзитетски професори.

Но нападите не завршиле кај универзитетите. Американските власти тврдат дека биле погодени најмалку 42 компании во САД, 11 компании во Европа, најмалку пет американски федерални и државни институции, како и ОН и УНИЦЕФ.

Во проширеното обвинение е вклучен и познатиот напад врз HBO. Американските обвинители тврдат дека дел од обвинетите учествувале во пробивањето на системите на компанијата, кражбата на доверливи материјали и обидот HBO да биде изнуден за околу шест милиони долари во биткоини.

Други операции опфатиле напади со масовно испробување лозинки и кражба на податоци од компании и државни институции. Според Министерството за правда, само трошоците на дел од жртвите за истрага и санација на нападите надминале 20 милиони долари.

Стејт департментот сега нуди награда до 10 милиони долари за информации што би помогнале да бидат лоцирани петмина од обвинетите. Девет од 17-те лица веќе беа дел од американското обвинение објавено во 2018 година.

Иранската мисија при Обединетите нации не одговорила веднаш на барањето на Ројтерс за коментар. Американското Министерство за правда нагласува дека станува збор за обвиненија и дека обвинетите се сметаат за невини додека вината не биде докажана пред суд.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?