Федоров бара избори во Украина и за време на војната

УНХЦР

Поранешниот украински министер за одбрана Михаило Федоров повика на одржување избори и додека трае војната со Русија, оценувајќи дека Украина мора да најде законски и безбеден начин за враќање на целосниот демократски процес. Неговиот повик е еден од најдиректните политички предизвици за претседателот Володимир Зеленски од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

„Демократијата не може да биде заложник на Русија“, порача 35-годишниот Федоров во видео објавено на Јутјуб, додавајќи дека Украина се бори токму за да остане слободна европска држава.

Во Украина од почетокот на војната е во сила воена состојба, поради што изборите се суспендирани. Федоров смета дека земјата треба да воспостави „законски, безбеден и реален механизам“ со кој изборниот процес би можел да продолжи и доколку војната потрае.

Тој не објави дали има претседателски амбиции и во обраќањето не го спомена Зеленски по име. Сепак, оцени дека Украина се соочува со „системска криза на управувањето“ и ја посочи корупцијата како еден од проблемите што го ослабуваат воениот напор на земјата.

Федоров беше разрешен од функцијата министер за одбрана кон крајот на јули, само шест месеци по назначувањето. Неговата смена предизвика протести, а беше поврзувана и со тензии меѓу него и тогашниот главнокомандувач на украинската армија, Олександр Сирски, кој подоцна исто така беше сменет.

Зеленски во меѓувреме го предложи Јевхен Хмара за нов министер за одбрана. На Федоров му биле понудени и други владини функции, но тој соопштил дека би се вратил само на позицијата министер за одбрана.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?