Колоните на граничните премини Табановце и Богородица дополнително се интензивираат претпладнево. Според информации од терен околу 11 часот, времето на чекање веќе се движи од 60 до 90 минути, во период кога Македонија е зафатена од екстремно високи температури кои денес во делови од земјата надминуваат 40 степени.
Утрово АМСМ информираше дека на Табановце, и за влез и за излез од Македонија, се чека од 40 минути до еден час. На Богородица исто толку се чекаше за излез од земјата кон Грција.
Состојбата, сепак, се влошува со засилувањето на викенд-сообраќајот. Околу 11 часот колоните на двата најфреквентни премини се подолги, а патници јавуваат дека за поминување се потребни и до час и половина.
Особено оптоварен е Табановце, каде во изминатите денови дополнителни задржувања создаваше и проверката на странските возила за евентуални сообраќајни прекршоци регистрирани преку системот „Безбеден град“. Поради гужвите беа отворени осум посебни пункта за проверка и наплата на казните.
На Богородица главниот притисок е во правец кон Грција, каде вообичаено за време на летните викенди има значително поголем број возила.
Дополнителен проблем за патниците е екстремната жештина. За денес се прогнозираат температури над 40 степени во најтоплите делови од Македонија, поради што долгото стоење во колона е особено тешко за деца, постари лица и хронично болни.
